Случувањата во соседството, велат од Министерството за образование (МОН), вклучија сериозен аларм дека индивидуалната посветеност и грижата за правилниот раст и развој на децата треба да се подигнат на уште повисоко ниво
По двете масовни убиства во Србија, кои се случија во рок од 48 часа, македонското Министерство за образование и наука (МОН) најави дека денеска ќе одржи средба со универзитетски професори од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, безбедноста и сајбер насилството и други.
Случувањата во соседството, велат од МОН, вклучија сериозен аларм дека индивидуалната посветеност и грижата за правилниот раст и развој на децата треба да се подигнат на уште повисоко ниво.
„Како креатори на образовните политики, МОН заедно со Владата и сите други засегнати институции и установи, согласно своите надлежности, веднаш започнуваме со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата. Очекуваме поддршка од сите засегнати чинители, експертската јавност, граѓанскиот и невладиниот сектор, бизнис-заедницата и меѓународните партнери, кои и досега имаат важен придонес во напорите за заштита на правата на децата, за заштита на физичкото и менталното здравје, спречувањето на врсничко и неврсничко насилство и така натаму“,
велат од МОН.
Оттаму додаваат дека образовниот систем игра примарна улога во градењето на младите личности, а за тоа какви генерации ќе создадеме, велат од МОН, зависи само од наставниот и стручните служби во училиштата.
Заклучоците и препораките од денешната средба ќе бидат соопштени по нејзиното завршување, а тие, велат од МОН, ќе бидат иницијален чекор за подигнување на институционалната грижа за правилен раст и развој на младите.
За помалку од 48 часа во Србија се случија две масовни убиства.
Првото се случи на 3 мај во основно училиште во белградската населба Врачар кога 13-годишен ученик од тоа училиште со пиштол уби девет лица, од кои осум деца и еден возрасен. Во несреќата се повредени уште шест ученици и една наставничка.
Второто масовно убиство се случи синоќа кај Младеновац. Во нападот загинаа најмалку осум лица, а 14 се повредени. Осомничениот напаѓач, 21-годишниот Урош Б. е уапсен рано утринава по обемната потрага на припадниците на Министерството.
Поврзани вести за масовното убиство кај Младеновац:
- РТС: Уапсен напаѓачот кој уби осум луѓе кај Младеновац – полицијата го лоцирала во близина на Крагуевац
- 600 специјалци трагаат по напаѓачот кој уби 8 и рани повеќе од 10 лица кај Младеновац – една од жртвите има 15 години
- Најмалку осум мртви кај Младеновац, напаѓачот сè уште во бегство – можно е да држи заложници?
- Српскиот министер за внатрешни работи: Ова е терористички акт
- Српски медиуми: Расте број на мртви – тројца убиени кај Младеновац, напаѓачот сè уште пука?
- (ВИДЕО) Ново пукање во Србија: Седум ранети, има и убиени