Претседателката на Антикорупциската комисија вели дека очекувала Собранието да изреагира поинаку и во најмала рака да свика некаква надзорна комисија во која ќе побара отчет од Советот за тоа што се случува

Мислам дека се случува страшна трговија со влијание во Судскиот совет, оцени вечерва претседателската на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Таа смета дека станува збор за трговија што се врши од заднина врз членовите на Советот, од некои што имаат интереси врз членовите на Советот.
„Ова не е само мое мислење, ова е мислење што излезе во јавноста и мене ми стои дека е кредибилно“,
рече претседателката на Антикорупциската комисија.
ДКСК се јави меѓу првите со реакција по разрешувањето на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет на 26 април годинава при што изрази сериозна загриженост во врска со случувањата и порача дека очекува реакција и вклученост од релевантните државни субјекти во земјава.
Вечерва, Ивановска потсети на тоа и рече дека очекувала барем Собранието да изреагира поинаку.
„Ние ги повикавме и останатите институции кои имаат свој придонес односно предлагаат членови на Судскиот совет да излезат со своја реакција. Искрена да бидам, очекував дека можеби требаше Собранието тука малце поинаку да изреагира, во најмала рака да свика некаква надзорна комисија, да побара отчет од учесниците во целата таа драма да кажат зошто тоа го направиле така, кои се причините. Едноставно да дадат свое објаснување пред јавноста. Тоа е мое мислење, мислам дека така требаше да биде“,
вели Ивановска.
По контроверзното разрешување на Дамева со само седум гласа „за“, Судскиот совет имаше два неуспешни обиди да избере нов претседател.
Денеска, на седница после работното време, која на својата веб-страницата ја најави непосредно пред почетокот, Судскиот совет со осум гласа „за“ го избра Сашко Георгиев за нов претседател.
Меѓутоа, пред оваа советот одржал две тајни седници – во 13:30 и во 14 часот. На првата изгласал да ја повлече првичната одлука за разрешување на Дамева. Потоа, на втората ѝ изгласал недоверба со девет гласа и ја разрешил. Одлуките за одржување нејавни седници од Судскиот совет преку соопштение ги оправдаа со одредба од законот која предвидува дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судијата. Но, на двете нејавни седници денеска воопшто не се расправало за судија или кандидат за судија.