Спасовски повика да не се создаваат лажни вести и дезинформации кои создаваат неоснована паника и имаат далекосежни последици врз општеството и врз граѓаните и најави дека сите тие ќе се санкционираат согласно законите
Премиерот Оливер Спасовски денеска ги повика граѓаните да ги почитуваат новите дополнети рестриктивни мерки кои се воведуваат од среда, со продолжување на полицискиот час и со забраната движење во групи повеќе од две лица. Тој најави дека земјата влегува во радикална фаза и во тој контекст се и воведените радикални мерки.
„Влегуваме во нова радикална фаза и за стабилноста на здравствениот систем, на здравствените работници, индивидуалното и колективното здравје, економијата. Секој мора да даде максимален придонес во оваа критична фаза да ја минеме со најмали можни штети. Но оваа битка ќе трае“,
рече Спасовски.
Тој најави дека според проценките на експертите, најтешкото допрва доаѓа, во следните две-три недели, кога земјата ќе го достигне врвот кога и бројот на заразени, според него, се очекува да биде меѓу 2 000 и 2 500 заразени.
Тој, исто така, повика претстојните велигденски и рамазански празници да се поминат дома, а не во храмовите или по роднини.
„Годинава велигденските и рамазанските празници, како и сите други празници, мора да ги поминеме дома. Оваа година своите молитви ќе ги упатиме од дома, по телефон, интернет, а не собрани по роднини и гости. Тоа нема да не направи помали верници туку ќе ни го зајакне духот, бидејќи знаеме дека со тоа спасуваме живот. Нашите животи зависат од нашето однесување“,
истакна Спасовски.
Спасовски, исто така, повика да не се создаваат лажни вести и дезинформации кои создаваат неоснована паника и имаат далекосежни последици врз општеството и врз граѓаните и најави дека сите тие ќе се санкционираат согласно законите.
Во врска со зајакнатите мерки кои стапуваат во сила од среда, Спасовски рече дека целта е заштита на јавното здравје и здравјето на секој поединец.
„Заканата е страшна, радикална и затоа нашето однесување мора да биде радикално и многу поразлично од сега. Секому му е јасно дека нашето живеење е целосно променето. Светот се бори со невидлив непријател кој секој ден зема огромен број жртви. Ниедна земја не успеа да ги заштити своите граници бидејќи вирусот не избира граници, но и жртви и никој не е заштитен и поштеден. Последиците по економиите не можат да се пресметаат. Секој од нас би сакал да знае кога ова ќе заврши, но ни светот ни ние тоа не го знаеме“,
рече Спасовски.