Адвокатот на одбраната Александар Трајковски, пред судот рече дека сведокот Горан Анастасиевиќ од здравствени причини бил спречен да се јави на рочиштето. По ова судот констатира дека не се исполнети законските претпоставки за одржување на расправата и го одложи рочиштето
Денешното рочиште од судскиот процес против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, се одложи за 6 јуни.

Причина за одложувањето е тоа што во Основниот кривичен суд – Скопје, сведокот кој беше предвиден за денешното рочиште, а е на предлог на одбраната, не дојде.
Адвокатот на одбраната Александар Трајковски пред судот рече дека сведокот Горан Анастасиевиќ од здравствени причини бил спречен да се јави на рочиштето, пренесува МИА. По ова, судот констатира дека не се исполнети законските претпоставки за одржување на расправата и го одложи рочиштето.
Судскиот процес против поранешниот генерален секретар на Владата го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, додека застапник на обвинението е обвинителката Катерина Коларевиќ.
Судењето против Зеќири на 13 април почна од почетокот поради истек на време и промена на членови на Судечкиот совет.
Процесот подолг период беше во прекин, откако Основниот кривичен суд Скопје информира дека по препорака од психијатар се одложуваат повеќе рочишта од главната расправа.
Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147 000 евра повеќе од претходно договорените 795 000.
Зеќири се гони за склучување два договори во четири очи за консултантски услуги – едниот за определување модел за реструктурирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.
Обвинителката Катерина Коларевиќ смета дека во судскиот процес ќе успее да докаже дека поранешниот генерален секретар на Владата ја злоупотребил службената положба и овластувања и убедена е дека тој требало да распише тендери, додека Зеќири рече дека не се чувствува виновен и смета дека не го прекршил Законот за јавни набавки.
На 9 април минатата година на Зеќири му беше одредена мерка притвор, која поради здравствени причини во јуни годинава му беше заменета со домашен притвор.
Поврзани вести:
Зеќири ги побара Битиќи, Бочварски и Макрадули за сведоци во судскиот процес против него