Од ВМРО-ДПМНЕ нема претставник во работната група, но велат дека очекуваат власта да излезе со предлог за една изборна единица, па како партија тогаш ќе се вклучат во утврдување на финалната верзија на Изборниот законик

Работната група што ја формира Министерството за правда за реформи на изборното законодавство денеска ќе се состане по првпат.
Во Клубот на пратеници ќе се одржи конститутивна седница, а по завршувањето се очекуваат и изјави од нејзините членови.
Групата беше формирана пред околу две недели кога од Министерството за правда информираа дека нејзин претседател ќе биде адвокатот Александар Новаковски, експерт и поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК).
Според информациите оттаму, во групата свој претставник нема најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Во пресрет на денешната конститутивна седница, пратеникот од оваа партија, Антонио Милошоски порача дека тие прифаќаат изборен модел со една изборна единица и ја повика власта да излезе со решение, а потоа тие како партија ќе се вклучат во утврдување на Изборниот законик.
„Владата на СДСМ и ДУИ седум години ги манипулира и јавноста и помалите политички партии за менување на моделот во една изборна единица како подемократски изборен модел. Втората манипулација беше дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го попречи ваквото менување на изборниот модел. Ние уште пред две години кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна единица и дека тоа ќе донесе еднаквост на гласот во секоја општина и на цела територија на Република Македонија и ја повикуваме власта да излезе со вакво решение“,
рече Милошоски.
Според неговата изјавата, и во случај власта да не е подготвена да направи ваква суштинска реформа туку измените на изборното законодавство бидат само технички кои се важни поради препораките од ОБСЕ/ОДИХР, и тогаш тие како партија ќе ги поддржат.
„Немаме ништо против, но не би учествувале во тој процес само за да му дадеме политички легитимитет без да имаме суштинско подобрување на изборниот модел“,
рече пратеникот.
Кога беше формирана работната група од Министерството за правда одговорија и кои партија имаат свои претставници. Од власта тоа се: СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Од опозицијата, пак, членови имаат: Беса, Алтернатива, Левица и Демократскиот сојуз.
Во работната група претставници имаат и три министерства: МВР, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
Застапени се и Државната изборна комисија (ДИК) и Управниот суд, како и неколку други државни институции: Управата за водење матични книги (УВМК), Државниот завод за статистика (ДЗС) и Централниот регистар.
Исто така, свои членови ќе имаат и МОСТ, Цивил, Полио плус, Националниот демократски институт, како и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).