Од МНР велат дека се во постојан контакт со колегите од пријателските земји чии амбасади сè уште се активни во Судан и нагласуваат дека во тек се активности за брза евакуација на семејството

Осумчлено семејство, чии членови се државјани на Северна Македонија, се наоѓа во загрозените подрачја на Судан кој е зафатен со внатрешни судири, и чека евакуација.
Семејството е до добра состојба, а од Министерството за надворешни работи (МНР) велат дека работат за да има брза евакуација.
„МНР преку својата амбасада во Каиро веднаш стапи во контакт и доби потврда дека сите нејзини членови се во добра здравствена состојба. Министерството преку дипломатската мрежа во регионот е во постојана комуникација со колегите од пријателските земји, чии амбасади се сè уште активни на територијата на Судан. Информираме дека во тек се активности за да се обезбеди нивна скора евакуација, и трансфер на безбедна локација од каде подоцна би се обезбедил трансфер кон земјава“,
велат од МНР.
Вчера оттаму информираа дека четворица други државјани на Северна Македонија кои биле во Судан, се безбедно евакуирани со помош на Саудиска Арабија и се наоѓаат во градот Џеда. Денеска од МНР повторуваат дека четворицата се на безбедна локација, во добра здравствена состојба и наскоро ќе бидат вратени во земјава.
Од Министерството повторно апелираат доколку има наши државјани кои се наоѓаат во територијата на Судан, да ги контактираат:
- Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на телефон: +201033615542 и имејл: [email protected];
- Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на телефон: +971 56 441 7532 и имејл адреса: [email protected]; и
- СОС телефонот во МНР: + 389 75 273 732 и преку имејл: [email protected].