Украинскиот претседател Володимир Зеленски има пиштол и со својот близок круг соработници би се борел до смрт доколку Русите упаднеа во неговиот штаб во Киев на почетокот на инвазијата, рече тој во интервју за телевизијата „1+1“ во саботата навечер.

„Знам да пукам. Можете ли да замислите наслов – ‘Русите го уапсија украинскиот претседател’? Тоа би било срамно“, рече Зеленски во разговорот.
Во првите денови по инвазијата на 24 февруари минатата година, руски разузнавачи се обидоа да упаднат во Киев, но не успеаја да стигнат до улицата на која се наоѓа претседателската канцеларија. Други руски трупи почнаа ги напаѓаа предградијата на Киев, но не напредуваа далеку. Во градот имаше и обиди за саботажи.
„Да упаднеа, сега немаше да разговараме. Никој немаше да биде уапсен затоа што ќе се боревме до крај. До последно“,
рече Зеленски.
На прашањето дали има пиштол и дали вежбал со него, тој одговори потврдно.
Во традиционалното обраќање до јавноста во саботата вечерта, тој ги обвини руските војници дека се виновни за воени злосторства, исто како и нивното раководство.
„Не само командантите, туку сите вие, сите сте терористи и убијци и сите мора да бидете казнети. Сите што пилотираат и испуштаат проектили, оние што одржуваат авиони и бродови кои се користат за тероризирање, сите сте соучесници во злосторството“,
рече тој.
Изјавата доаѓа по ракетниот напад врз украинскиот град Уман во петокот, во кој загинаа 23 лица. Меѓу нив, рече Зеленски, имало шестмина малолетници.