Премиерот Ковачевски вели дека ниту тој ниту, пак, кој било друг министер се меша во работата на Судскиот или Советот на јавни обвинители и дека она што останува е правосудните органи да ја извршуваат својата работа на ниво кое е потребно
Покрај случувањата во Судскиот совет, вечера вниманието во јавноста го привлече и заклучокот на Советот на јавни обвинители да се обрати до Етичкиот совет на јавните обвинители во врска со ставовите на обвинителката Ленче Ристовска. Таа пред три дена рече оти смета дека Советот на јавни обвинители треба да се реформира бидејќи е извор на тргување со влијание
Судската, извршната и законодавната власт се независни, секоја одделно, и мора да си ги извршуваат своите работни во рамките на надлежностите. Дали некој им се мешал, тоа ќе треба да го пријават низ соодветна процедура.

Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања во врска со последните случувања во Судскиот совет, кои кулминираа со контроверзно разрешување на претседателката Весна Дамева пред два дена. Таа по гласањето за нејзино разрешување, кое го иницира заменик-претседателот на Судскиот совет Селим Адеми, рече дека тоа е противзаконски и дека некои лица во политиката ќе бидат и тоа како задоволни, ако тоа успее.
Премиерот Ковачевски, кој денеска беше во увид на градежните работи на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, рече дека тој ниту, пак, кој било друг министер се меша во работата на Судскиот или Советот на обвинители.
„Кажав дека тоа беа сцени кои не доликуваат на највисокиот орган во правосудството, на Судскиот совет. Јас од првиот ден кога станав претседател на Владата кажав дека ниту јас како претседател ниту кој било министер се меша во работата на Судскиот или Советот на обвинители. Министерот за правда вчера имаше соопштение, во кое го даде мислењето што и јас го делам. Исто така, побара во рамки на своите надлежности да го видат во Министерството за правда записникот од самата седница. Она што останува е правосудните органи на ниво кое е потребно да ја извршуваат својата работа, тие немаат никакви политички влијанија. Јас никогаш не сум имал ниту еден состанок со претседател на суд или на Судски совет бидејќи судовите се независна власт. Судската власт е независна, извршната е независна, законодавната е независна и секој мора да си ги извршува своите работи во рамките на своите надлежности. Дали некој им се мешал, тоа ќе треба самите да го пријават низ соодветна процедура“,
изјави Ковачевски.
Инаку, покрај случувањата во Судскиот совет, вечера вниманието во јавноста го привлече и заклучокот на Советот на јавни обвинители да се обрати до Етичкиот совет на јавните обвинители во врска со ставовите на обвинителката Ленче Ристовска. Таа пред три дена рече оти смета дека Советот на јавни обвинители треба да се реформира бидејќи е извор на тргување со влијание.
Според обвинителката, ова тело од формирањето во 2008 година досега потфрли во исполнувањето на примарната функција, професионализација на Јавното обвинителство и изолирање политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.
Етичкиот совет на јавни обвинители сега на барање на Советот на јавни обвинители, како што изјави вчера првиот човек на ова тело, Антонио Јолевски, ќе треба да ја разгледа изјавата на Ристоска и да даде мислење дали обвинителката со неа го прекршила етичкиот кодекс на јавните обвинители.