Пратеник од СДСМ не сакаше да даде поширок коментар, но рече дека тоа однесување во Советот е негативно. За Беса ова е скандалозно и мора да има целосна реформа на правосудството, додека ВМРО-ДПМНЕ, пак, прави паралела со „27 април“ кога „му било преземено столчето на Трајко Велјановски“

На случувањата во Судскиот совет околу разрешувањето на претседателката Весна Дамева, реакции денеска пристигнаа и од дел од пратениците во Собранието, од кои некои во изјави за медиумите оценија дека последниот развој на настаните е негативен и скандалозен, а други, пак, направија паралела со случувањата во парламентот од пред точно шест години – 27 април 2017.
За Костовски од СДСМ однесувањето на членовите во Советот е негативно
Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ не сакаше да ги коментира случувањата во Судскиот совет, но рече дека таквото однесување е негативно.

„Републичкиот Судски совет е независна институција и мислам дека прашањето за оваа ситуација треба да го поставите таму. Јас сум пратеник од СДСМ и не сакам да навлегувам во коментирање и анализа на едно независно тело“,
рече пратеникот.
Тој вели дека тие како власт прават сè за граѓаните да почувствуваат што значат европски манири, навики и однесување, меѓутоа лично нема позитивно мислење за последните настани.
„Лично како Мартин Костоски можам да го оценам како негативно таквото однесување, меѓутоа за подетални информации ќе мора да прашате во ова независно судско тело“,
рече пратеникот.
Скандалозно и под влијание на власта, смета Зендели од Беса
Неговиот колега, пратеникот Фадил Зендели од Беса, пак, вели дека тоа што се случува во Судскиот совет е скандалозно и смета дека е под влијание на власта.

„Целава работа е од кои причини и кои политички влијанија ова се случува? Се гледаше дека не е во согласност со одредбите како функционира оваа институција“,
рече Зендели.
Тој коментираше дека одредени судии, особено во Апелацискиот суд Скопје, си земаат право да амнестираат високи функционери од минатото под политички притисок и тоа, нагласува, не смее да се случува. Затоа, според него, правосудството треба целосно да се реформира.
За Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ случувањата во Судскиот совет потсетуваат на „преземањето на столчето на Велјановски“
Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакна дека она што се случило вчера во Судскиот совет кога беше разрешена Дамева е преседан и реприза на она што се случи на 27 април пред шест години во ова Собрание кога, според неа, му било преземено столчето на Трајко Велјановски, кој во 18 часот ја заврши седницата.

„Ја презедоа неговата улога, си ја продолжија седницата и до ден-денеска ние така функционираме – насилно. Кога насилството ќе го почувствуваат на својот грб овие денес што се на власт, тие тогаш реагираат. Затоа немаме никакво сочувство за нив“,
рече Стојановска.
Вчерашното разрешување на Весна Дамева предизвика бура реакции кај дел од стручната јавност. Реакциите беа во насока на тоа како воопшто заменик-претседателот Селим Адеми, во присуство на претседателката Весна Дамева, можеше да го преземе раководењето со седницата и како се стави на дневен ред точка за нејзино разрешување. Дополнително, клучен момент што се оспорува е и начинот на кој беше разрешена претседателката.
Имено, ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот за работа има предвидено процедура за разрешување на претседател.
Вчера меѓу првите реагираше и Коалицијата „Сите за правично судење“ чии набљудувачи редовно ги следат седниците, според кои, за Дамева да биде разрешена од претседателка, требало да биде разрешена од член на Судскиот совет, а за тоа, потенцираа, е потребна соодветна процедура за дисциплинска постапка која трае и предвидува и одговор од странката, и во која (процедура) кога ќе дојде до разрешување, потребни се осум гласа „за“, не сметајќи го оној на предлагачот. Дамева, пак, беше разрешена само од претседателската функција со седум гласа, меѓу кои и гласот на заменик-претседателот кој го иницираше разрешувањето.
Заменикот Адеми, пак, денеска одбегна да им одговори на новинари околу тоа дали била законска процедурата за разрешување.
Тој за денеска закажа итна седница за избор на нов претседател, но ја одложи со објаснување дека со оглед што точката на дневен ред пожелно да бидат присутни сите членови со право на глас, а отсутна беше само Мирјана Радевска-Стефкова. Седницата тој ја презакажа за 2 мај.
По одложувањето новинарите го прашаа и зошто за 2 мај се одложува седница и му посочија дека до тогаш има доволно време да се врши притисок на членовите за да гласаат, но тој рече дека тоа се судии и не смее да дозволат да им се врши притисок. Кога го потпрашаа дали тоа значи дека на членовите кои не се од редовите на судиите може да им се врши притисок, тој возврати со контрапрашање „Дали на вас некој ви врши притисок“.