Вчера на контроверзен начин беше разрешена Весна Дамева од претседателската функција на Судскиот совет кога нејзиниот заменик Селим Адеми, во нејзино присуство, по неколку часа тензии и караници го презеде раководењето со седницата и предложи да се гласа за разрешување со кревање рака
Министерството за правда денеска изрази загриженост за случувањата во Судскиот совет, односно за вчерашната контроверзна смена на Весна Дамева од функцијата претседател на Советот.
Од Правда посочуваат дека и покрај тоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган кој треба да ја обезбеди самостојноста и независноста на судската власт, она што во моментов се случува во голема мера ќе влијае на натамошната доверба на граѓаните во судството.
„Заради добивање на повеќе информации, Министерството за правда испрати барање до Судскиот совет да ги достави на увид Записникот од 438-та седница како и усвоениот дневен ред. Се надеваме и посакуваме да се надмине целокупната ситуација, а Судскиот совет да биде орган кој ќе води грижа за угледот на судството“,
соопштија од Министерството за правда.
Вчера на контроверзен начин беше разрешена Весна Дамева од претседателската функција на Судскиот совет кога нејзиниот заменик Селим Адеми, во нејзино присуство, по неколку часа тензии и караници го презеде раководењето со седницата и предложи да се гласа за разрешување со кревање рака.
Седум члена на Судскиот совет предводени од заменик-претседателот Селим Адеми, гласаа „за“ разрешување на Дамева, по што заменик-претседателот констатира дека актуелната претседателка е разрешена и веќе не може да раководи со седницата, па ја закажа денешната за избор на нов претседател. Покрај Адеми, „за“ разрешување гласаа и Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
Ова предизвика многубројни реакции од адвокати и правници преку објави на социјалните мрежи, како и од Коалицијата „Сите за правично судење“, која редовно ги следи седниците на Судскиот совет.
За случувањата во Судскиот совет, Антикорупциската комисија вели дека очекува реакција и вклученост од релевантните државни субјекти во земјава, додавајќи дека Судскиот совет како највисок орган на судската власт треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта.
Денеска требаше да се одржи седница на Судскиот совет на која требаше да се направи избор на нов претседател, но таа се одложи.
Дел од присутните новинарски екипи кои пред зградата пристигнале порано од 11 часот, за кога беше закажан почетокот на седницата, од отворените прозорци каде што се наоѓаат просториите на Судскиот совет сведочеа дека во одреден период се слушале караници во кои се кажало „ова е анархија”, „не може ова вака”…