Во делот на кривичните постапки, Бектеши рече дека повеќе компании имаат избегнато плаќање давачки, што е кривично дело и дека откако ќе завршат анализите и на Финансиската полиција в петок јавно ќе се покренат кривични постапки за тие компании

За Кванташкиот пазар, за увозници на овошје и зеленчук, како и за субјекти во трговијата на мало издадени се прекршочни налози, а ќе следуваат и кривични пријави за трговски субјекти за кои е утврдено затајување на плаќање давачки кон државата, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
„Вчера се одземени над 15 тони овошје и зеленчук од страна на надлежните институции и акциите ќе продолжат. Има прекршочни пријави и за управителите на Кванташкиот пазар, има казни за увозници на овошје и зеленчук, а секако и за компаниите кои се занимаваат со малопродажба, како што се Веро, Стокомак, Кипер, Зендолино, Тинекс, Миса МКБ. Акциите ќе продолжат секојдневно до завршување на одлуката која ќе важи и во наредниот период“,
рече Бектеши.
Најавите на министерот доаѓаат по вчерашната акција на Кванташкиот пазар што ја спроведоа Државниот пазарен инспекторат, Управата за финансиска полиција, Агенцијата за управување со одземен имот и МВР.
Бектеши кажа дека Државниот пазарен инспекторат во координација со сите надлежни институции ќе продолжат со засилени акции на терен со цел да се почитуваат одлуките на Владата за цените на основните прехранбени производи.
Во делот на кривичните постапки, Бектеши рече дека повеќе компании имаат избегнато плаќање давачки што е кривично дело и дека откако ќе завршат анализите и на Финансиската полиција во петок јавно ќе се покренат кривични постапки за тие компании.
„Избегнување на давачки од над 10 000 евра е кривично дело и веќе се утврдени прекршоци во овој дел за што ќе следат кривични пријави. Утврдивме дека неколку компании тоа го направиле, при крај се анализите на финансиската полиција и за други компании и до петок ќе бидат покренати кривични постапки. Владата, институциите си ја вршат навремено својата работа, со цел да ги заштитат потрошувачите и да не дозволат во вакви времиња да се прават профити“,
кажа министерот Бектеши.
Според директорот на ДПИ, Горан Трајковски, ова е само почеток и ќе продолжат контролите на сите локации низ земјава.
„Изречена е глоба за Кванташкиот пазар, но и за многу увозници и она што е затекнато е дека и физички лица кои немаат регистрирана дејност вршат продажба на производи. Затекнати се трговци кои не водат евиденција за трговија. Стоките се донирани и се распределени каде што е најнеопходно. Јас како директор апелирам до сите економски субјекти, да си ги остварат платните налози. Од денеска па натаму сите инспектори кои констатирале прекршок кај економските субјекти ќе се појавуваат на судските рочишта и ќе ги застапуваат и бранат законите по кои ги констатирале прекршоците. Практиката од непојавување на инспекторите на судските рочишта нема да ја има во иднина“,
рече Трајковски на заедничката прес-конференција.
Синџирите маркети веќе добиле парична казна, а кривична пријава ќе добијат неколку од нив кои ја прекршувале одлуката и продавале по повисоки цени од утврдените.
За непочитувањето на замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот на зелените пазари Бектеши упати апел до трговците и земјоделците да почнат да ги почитуваат одлуките на Владата затоа што, како што рече, акциите на инспекторите не застануваат.
„Акциите не ги најавуваме затоа што така трговците ќе може да се подготват. Но, секако дека и на зелените пазари ќе има акции и секој што не ја почитува одлуката ќе биде казнет. Да кажевме вчера дека ќе има акција на Кванташкиот пазар, тие немаше да отворат“,
рече Бектеши.