Белафорте го имаше првиот албум што во историјата се продаде во повеќе од еден милион примероци. Како активист во борбата против расната дискриминација во Америка, се поврза со Мартин Лутер Кинг, а беше добар пријател со американскиот претседател Џон Кенеди

На 96-годишна возраст, денеска почина познатиот пејач, актер и активист за граѓански права, Хари Белафонте, соопшти неговиот долгогодишен портпарол, Кен Санштајн.
Во последните моменти со Белафонте била неговата сопруга Памела, а причината за смртта е срцева слабост.
Хари Белафонте беше еден од најуспешните афроамерикански поп-ѕвезди во историјата, но и како човекот кој ги сруши расните бариери и еден од најголемите борци за граѓански права на Афроамериканците во САД.
Тој беше роден во Харлем, Њујорк, во 1927 година во семејство на сиромашни имигранти од Карибите.
Бил дел од американската морнарица за време на Втората светска војна работејќи како натоварувач на муниција во базата во Њу Џерси. По војната, почнал да студира драма во познатата драмска работилница на Ервин Пискатор заедно со Марлон Брандо, Балтер Матау и Тони Кертис.
Часовите по глума ги плаќал пеејќи по њујоршките клубови, што го довело и до договор за снимање песни.
Во 1955 година го објави албумот „Калипсо“, кој стана првиот во историјата што бил продаден во повеќе од милион примероци.
Кога борбата против расната дискриминација стана централна тема во Америка, тој беше еден од најгласните активисти, се поврза и со Мартин Лутер Кинг кого и финансиски го поддржуваше.
Белафонте беше близок со американскиот претседател Џон Кенеди, а УНИЦЕФ го именуваше и за амбасадор на добрата волја.