Во оваа насока, премиерот ја изразил решителноста на Владата да работи на отворање на првиот кластер од преговорите со ЕУ до крајот на годинава и изразил надеж оти сите политички структури кои ја поддржуваат европската интеграција на државава ќе придонесат за нејзина европска иднина
Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ телефонски разговарал со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кого го информирал за формирањето на работната група при Министерството за правда која ќе работи на подготовка на уставните амандмани.
Во оваа насока, Ковачевски ја изразил решителноста на Владата да работи на отворање на првиот кластер од преговорите со ЕУ до крајот на годинава и изразил надеж оти сите политички структури кои ја поддржуваат европската интеграција на државава ќе придонесат за нејзина европска иднина.
„Премиерот Ковачевски му се заблагодари на претседателот на Европскиот совет за неговата силна досегашна поддршка на пристапниот пат на Северна Македонија“,
се вели во соопштението на Владата.

За време на телефонскиот разговор со Ковачевски и Маричиќ, претседателот на Европскиот совет, пак, Шарл Мишел, ја нагласил поддршката на Европската Унија за евроинтеграцискиот пат на земјава, но и задоволството од досегашниот одличен тек на скрининг-процесот.
„Мишел ги поздрави активностите на Владата во доменот на спроведување на европската агенда и укажа на важноста на реализација на следните чекори за кои земјата ја има силната поддршка на ЕУ“,
се додаваат од Владата.
Ковачевски и Мишел разговарале и за актуелната ситуација во регионот, а во оваа насока, Мишел во име на Унијата му се заблагодарил на премиерот за одржаниот состанок во Охрид од дијалогот меѓу Србија и Косово.