Двете домашни фирми – подизведувачи на тендерот за набавка на систем за биометриска идентификација на гласачи прикажале огромни профити и раст на приходите во годината кога се склучи и реализира тендерот
Компанијата „Алфазет-М“,ќ во 2021 имала приходи од околу 1,3 милиони евра, од што профитот е речиси еден милион евра! Следната година, фирмата имала само 50-тина илјади евра приходи. Вториот подизведувач, „Симболоко“, во 2021 прикажал 2,2 милиони евра приходи. За споредба, годината претходно приходите им се десетпати помали – околу 200 000 евра
Државната комисија за спречување на корупцијата привршува со проверките на јавната набавка на систем за биометриска идентификација. Имаат сомнежи за трансферите кон и од подизведувачите, но и за техничкиот прием на купената опрема
„Малку поваму, да не накиснете“, го советуваа новинарите претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, кој се подгвовуваше за прес конференција на дождлив есенски ден во октомври 2021 година.
„Не, таман сум тука а овие да се снимаат“, возврати тој одлучно и покажа на неколку кутии во кои беа преостанатите уреди за биометриска идентификација на гласачи.
„Пошто сите викаа, нема да стигнат, дали ќе стигнат, кога ќе стигнат, немаме избори… Е еве ги сега, последни се“, триумфално поентираше тој.
Прецизно, овој настан се одигра на 9 октомври 2021 година. Само осум дена подоцна во земјава требаше да се одржат локални избори, први со употреба на отпечаток од прст. Александар Даштевски во неколку наврати претходно пред камерите демонстрираше дека се тече според предвиденото со набавката тешка 11,2 милиони евра. Дали, во позадина, приказната била поинаква?
Документ кој не е документ
Еден од условите во договорот за јавната набавка со германски „Дермалог“, без кој не можело да се исплати купената опрема, е опишан во член 3. Таму е пропишано дека во прилог на фактурата, требало да има …
„Записник од квалитативен и квантитативен прием и Записник за тест за прифаќање, кои треба да бидат потпишани од лицата задолжени за реализација на договорот кај договорниот орган и од лица/лицата вработени кај носителот на набавката“,
пишува во член 3 од Договорот меѓу „Дермалог“ и Државната изборна комисија.
Дополнително:
„Тестот за прифаќање ќе се изврши најдоцна до 11 октомври 2021 година“.
пишува во член 3 од Договорот меѓу „Дермалог“ и Државната изборна комисија.
Документите до кои дојде „360 степени“ го отвораат прашањето – дали овој чекор е направен како што треба?
Имено, на 12 октомври 2021 година, вторник, пет дена пред изборите, „Дермалог“ изготвува повеќе документи. Еден од нив е овој, наречен „Записник за тест за прифаќање“. Тоа е еден од неопходните документи за исплата на опремата. Во него пишува дека на тој ден, 12 октомври 2021 година, „се одржал тест за прифаќање на системот за биометриска идентификација на гласачите“, а подолу се наведени лицата што присуствувале на тестот, вкупно 10 на број.
Споменатите лица го добиле записникот на 15 октомври, во ден петок, на неколку часа од стартот на изборниот молк и на помалку од 48 часа до отворањето на избирачките места. Петмина од листата, со известувања до Државната изборна комисија, веднаш се оградиле од употребата на нивното име на документот. Тоа се потпретседателката и членка на ДИК, Дитмире Шеху, тогашниот член на ДИК, а сега министер за правда, Кренар Лога, како и тројца членови на телото за Информациски и комуникациски технологии – Владо Васиљевски, Кирил Ќироски и Владислав Бидиков.
Сегашниот министер за правда, тогаш како член на ДИК од редовите на Алијанса за Албанците, напишал дека состанокот одржан на 12 октомври не е настанот опишан во записниците.
„Истите содржат целосно неточни наводи, од причина што состанокот наведен од компанијата како момент на тест за прифаќање, воопшто не беше таков. Состанокот … беше едноставна презентација на испораката на уредите по датум и приказ на работењето на уредот… Уверувам дека ние како ДИК, не овластивме и не назначивме ниту едно лице од компанијата ‘Дермалог’ да води записник… ниту едно лице не водеше записник од средбата што беше одржана. За состанокот, ДИК побара само да има аудиоснимка и тоа од два мобилни уреди и диктафон. Аудиоснимката може лесно да се провери и да се утврди се што е изнесено погоре од моја страна“,
пишува Кренар Лога на 15 октомври 2022 година.
На крајот на своето известување, Лога дополнува дека доколку Записниците на кои е неговото име бидат искористени за исполнување на условот во членот 3 од Договорот, ќе го смета „за злоупотреба и како предмет за поднесување на кривична пријава“.
Потпретседателката и членка на ДИК од ДУИ, Дитмире Шеху, испратила пократко известување. Но, и таа јасно вели дека била викната на сосема друг вид на состанок.
„Потенцирам дека презентацијата беше од информативен карактер … Не знам што е побарано во спецификацијата за оваа јавна набавка за да можам да оценам дали носителот на набавката во целост ги испорачал барањата од предметната набавка. Воедно, не поседувам потребни професионални знаења … за да можам да потврдам дека носителот на набавката го испорачал и ставил во функција системот“,
пишува Дитмире Шеху, член на ДУИ предложен од ДУИ.
А ако има сомнеж во евентуални политички мотиви за ваквите известувања на Лога и Шеху, тука се дописите на експертите од ИКТ-секторот.
Владо Васиљевски, од Ај-Ти секторот на ДИК, меѓудругото напишал.
„Тврдам дека состанок за тест за прифаќање на системот за биометриска идентификација не е направен, барем јас не сум присуствувал на таков состанок, а според записниците стои дека сум присуствувал.“
пишува експертот Владо Васиљевски.
Експертот Кирил Ќироски напишал:
„Сметам дека користењето на моето име во погоре наведениот контекст е надвор од моите должности и овластувања и дека својството во кое учествував во таа презентација е погрешно наведено во Документот на ‘Дермалог’“,
пишува Ќироски.
Експертот Владислав Бидиков, пак, потсетил и дека:
„Истовремено, согласно информациите кои ги поседувам, сметам дека не е постапено согласно Препораката на Координативното тело за ИКТ и безбедносни прашања и не е извршен квалитативен технички прием кој би требало да претставува основа за Тест за прифаќање“,
пишува Бидиков.
„360 степени“ побара коментар од Кренар Лога и Дитмире Шеху, како политички претставници. И двајцата ја потврдија автентичноста на дописите и рекоа дека стојат зад тоа што го напишале, но одлучија да не одговорат на прашањата што им ги поставивме.
Тесни 3:2 кога бил потпишан договорот
Спорните записниците направени неколку дена пред изборите не се единствениот елемент што фрла сомнеж на постапката за набавката на систем за биометриска идентификација на гласачи.
Кога пропадна првиот тендер за набавка на опремата, двајца членови на таа комисија си поднесоа оставки, неофицијално поради притисоци.
„Они можеле да напишат што било во оставките, колку што јас знам едната оставка е од здравствени причини, не е од притисоци, а во втората оставка се спомнуваат и такви работи. Јас не можам да ви кажам најодговорно дека од наша страна, барем од моја страна, притисок никаков немало“,
Оливер Ристовски.
Новата комисија за јавна набавка на систем за идентификација направена веќе следниот ден беше составена од следните пет члена:
– Оливер Ристовски, претседател на комисијата и член на ДИК предложен од СДСМ;
– Бобан Стојановски, член на ДИК предложен од ВМРО-ДПМНЕ;
– Кренар Лога, член на ДИК предложен од Алијанса за Албанците;
– Мергим Шабани, вработен во ДИК;
– Ивана Костадиноска, вработена во ДИК.
Кога е избран „Дермалог“ на Извештајот, како што може да се види од документот, се потпишале само тројца членови на комисијата за јавната набавка – Ристовски, Стојановски и Костадиноска. Лога и Шабани не ставиле параф и приложиле издвоено мислење дека и „Дермалог“ не ги исполнувал условите.
„Може да се констатира дека еден член на персоналот, кој би требало да биде ангажиран како специјалист за обуки, не ги исполнува бараните услови… Укажувам дека покрај останатите економски оператори и понудата на економскиот оператор ‘Дермалог’ не ги исполнува условите за понатамошната постапка“,
пишува тогашниот член на ДИК, Кренар Лога, во издвоеното мислење.
„Како економист не располагам со знаења и компетенции за оценка на техничкиот и правниот дел од понудата, како и од причина што немам комплетен и конкретен одговор од страна на надворешните ангажирани стручни лица за оваа набавка, не можам да потврдам дека оваа понуда ги исполнува барањата и условите предвидени во тендерската документација“,
пишува Мергим Шабани од ДИК, во своето одвоено мислење.
Со три гласа наспроти два, „Дермалог“ е избран за најдобар понудувач, а претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, потпишува договор со германската фирма.
Антикорупциска е при крај со „Дермалог“
Овие наоди, но и други непознати за јавноста, ги истражува Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Имавме сомнеж дека не е направен квалитативен и квантитативен прием на уредите. Односно, има само за дел, а не за сите уреди. И од тоа не може да се заклучи, односно не може да се види, дали набавената опрема, карактеристиките, се тие што се предвидени во тендерот. Ние ги проверуваме подизведувачите. Дали, колку пари добиле, дали тоа што го предвиделе во договорот, дали тоа го испорачале“,
вели Горан Трпеноски, член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Фирмите кои се подизведувачи на „Дерамaлог“, согласно договорот, требало да добијат по околу 1,5 милиони евра секоја. Тие се:
– „Алфазет“, компанија од тетовско Долно Седларце, општина Брвеница. Според нивната интернет-страница, фирмата основана во 2018 година се занимава со продажба и на хардвер и на софтвер.
Во годината кога како подизведувач го добиле тендерот, 2021-та, Алфазет има вкупни приходи од околу 1,3 милиони евра. А трошоците, таа години, им се само 340 000 евра. Тоа значи дека во годината кога е купен и ставен во употреба системот за биометриска идентификација „Алфазет“ имала профит од околу 74% од приходите, односно речиси еден милион евра на приход од 1,3 милиони.
Веќе следната, 2022 година, кога се исполнети обврските од тендерот, „Алфазет“ има приходи од само 56 000 евра.
„Алфазет“, во последните години, работеле и со други државни институции – Министерството за земјоделство, Општина Центар, Државниот пазарен инспекторат. Станува збор за помали договори. Фирмата има двајца сопственици, белгискиот државјанин Марк Алфонс Страцкх и македонскиот одбојкар Јовица Симовски.
„Симболико“ е вториот подизведувач. Немаат активна интернет-страница.
Пред да бидат дел од тендерот за биометриска идентификација, каде за нивните услуги биле предвидени 1,5 милиони евра, вообичаено имале годишен приход меѓу 220 и 450 илјади евра. Годината кога го добиваат тендерот, 2021-та, приходите им растат за 10 пати, споредено со претходната 2020 година. Во 2022 година, приходите им паднале за повеќе од три пати, на 680 000 евра.
Слично е и со профитот. Во годината кога го добиле тендерот со „Дермалог“, „Симболико“ направиле добивка од 380 000 евра. Годините пред и потоа, се неспоредливо послаби.
„Симболико“ работат за МВР од 2014 година до денес. Газда, сега, е извесна Елена Салонтаји, но фирмата била основа од Стефан Пулејковски во 2007 година. Во изминатите две децении, тој често беше споменуван како бизнисмен со добри релации со ВМРО-ДПМНЕ.
Што точно се проверува во трансакциите на подизведувачите, Трпеноски не открива. Само додава дека предметот е при крај, без да прејудицира – која ќе биде конечната одлука на ДКСК.
„Лично, предлогот го имам јас. Ама сакам на комисијата да и го покажам. Па, како ние ќе одлучиме, потоа ќе видиме“,
вели Трпеноски.
Иако не сака да го соопшти својот став за предметот, Трпеноски во интервјуто кажа дека мисли оти во проверките треба да се вклучат Обвинителството и финансиската полиција.
Даштевски: Се беше по закон
„360 степени“ праша дали обвинителството, независно од Антикорупциска, се занимавало со набавката на системот за биометриска идентификација. Одговор, не добивме.
На прашањата доставени до Александар Даштевски минатата недела, одговорот стигна неколку часа пред објавувањето на оваа сторија.
На прашањето, зошто решил да го потпише договорот со Дермалог, иако двајца членови на комисијата не го потпишале, тој одговори:
„Извештајот на петчлената комисија е потпишан од тројца членови на комисијата, што значи дека предлогот за избор на најповолен понудувач е донесен со мнозинство од членовите на комисијата и јас како одговорно лице на ДИК, сум должен при изборот на најповолна понуда, да го прифатам извештајот на комисијата“,
одговори Даштевски.
На нашето второ прашање, како реагирал по писмените известувања од Лога, Шеху и останатите, кои тврдат дека нивните имиња се погрешно употребени на записниците, не добивме директен одговор.
Но, во дел од дописот до „360 степени“, Александар Даштевски вели:
„До Државната комисија немаше поплаки, ниту критики од гласачите за работењето и функционирањето на уредите за биометриска идентификација, како што јавноста знае, изборите во тој дел поминаа без никакви пречки и тоа е она што е од заеднички интерес“,
одговори Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија.
За волја на вистината, не само „360 степени“, туку сите медиуми во државата пренесоа дека имаше проблеми на терен. Уредите не ги препознаваа отпечатоците на многу граѓани, па мораа да се идентификуваат по старо.
Тогаш, Даштевски тврдеше дека е лош квалитетот на отпечатоците од прсти кои ги презеле од МВР, односно дека дури една четвртина не била употреблива. На нашето прашање, дали тоа значи дека за полицијата се неупотребливи една четвртина од отпечатоците и кога идентификуваат сторители на кривични дела, од МВР ни одговорија – сите отпечатоци исполнуваат минимум стандарди.