Според досегашните информации добиени од нашата амбасада во Каиро, како надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Судан, во моментот нема наши државјани кои престојуваат во земјата, а воедно од почетокот на тензиите во земјата не се регистрирани повици од наши државјани на кои им е потребна помош
Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека со внимание го следи развојот на состојбите во Судан и дека од почетокот на тензиите и насилствата во земјата не се регистрирани повици од наши државјани на кои им е потребна помош.

„Според досегашните информации добиени од нашата амбасада во Каиро, како надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Судан, во моментот нема наши државјани кои престојуваат во земјата, а воедно, од почетокот на тензиите во земјата, не се регистрирани повици од наши државјани на кои им е потребна помош“,
се вели во соопштението од МНР.
Оттаму апелираат доколку има наши државјани кои се наоѓаат на територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на следниот телефонски број +201033615542 и на електронската адреса [email protected], како и Министерството за надворешни работи на СОС-телефонот + 389 75 273 732 и следната имејл адреса [email protected]
Насилствата во Судан избувнаа пред десетина дена и оттогаш жестоките кои се водат меѓу суданската армија, на чие чело е генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, сè повеќе добиваат на интензитет.
Во меѓувреме пропаднаа неколкуте договори за прекин на огнот, посредувани од САД и други земји од меѓународната заедница, а не беше почитувано ниту примирјето за одбележување на големиот муслимански празник Рамазан бајрам.

Станува збор за вооружен судир меѓу двајцата генерали кои претходно ги здружија силите за да го соборат од власт диктаторот Омар Хасан ал-Башир во 2019 година.
Силите за брза поддршка и суданската војска се натпреваруваат за моќ додека политичките фракции преговараат за формирање преодна влада по воениот удар во 2021 година.
Во меѓувреме, по соборувањето на Ал-Башир со Судан управува Советот на генерали.
Како расте интензитетот на борбите, се зголемува бројот на странски земји кои преку добро организирани операции го евакуираат својот дипломатски персонал од главниот град на земјата, Картум, каде што се и најжестоките судири меѓу завојуваните страни.
Соединетите Американски Држави и Велика Британија вчера објавија дека почнале со евакуација на своите дипломати од земјата, а идентични операции почнаа да преземаат и Франција, Германија, Италија и Шпанија за евакуација на своите, но и на дипломатски претставници на други земји.
Сепак, голем број странски државјани, кои од приватни причини се затекнале во Судан, и понатаму се заглавени во земјата.