Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово соопшти дека до 11:00 часот гласале 313 граѓани од над 45 000 кои имаат право на глас во четирите општини на северот на Косово
Српскиот претседател вчера изјави дека по формирањето на новите локални власти во општините со мнозинско српско население во северно Косово ќе следува „целосна окупација“
На изборите во Косово досега излегле само неколку Срби во сите четири општини каде што се гласа, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ, велејќи дека власта на северот на Косово имаат намера да ја воспостават оние кои не живеат таму, а оттука оцени дека нема да добијат ниту еден или два отсто од гласовите.

„До овој момент само неколку Срби излегоа заедно во четири општини. Србите нема да им служат на туѓите интереси. Сакаат да им служат на своите интереси, сакаат мир, но сакаат и да се борат за интересите на својот народ“,
изјави Вучиќ.
Српскиот претседател вчера изјави дека по формирањето на новите локални власти во четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово, ќе следува „целосна окупација“.
Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово соопшти дека до 11:00 часот гласале 313 граѓани од над 45 000 кои имаат право на глас во четирите општини на северот на Косово.
Според податоците на ЦИК, одѕивот на гласачите до 11:00 часот бил следен:
- Општина Лепосавиќ: 28 гласачи или 0,21 отсто;
- Општина Зубин Поток: 65 гласачи или 1 отсто;
- Општина Звечан: 29 гласачи или 0,41 отсто;
- Општина Северна Митровица: 191 гласач или 1,05 отсто.
Во овие општини со мнозинско српско население на северот на Косово денеска се одржуваат вонредни локални избори откако градоначалниците од редовите на Српска листа поднесоа оставки во ноември минатата година, противејќи се на одлуката на косовската влада за пререгистрација на регистарските таблички.
Во трката за градоначалници има десет кандидати, а од нив само Слаѓана Пантовиќ е од српската заедница. Таа е независен кандидат за градоначалник на општина Звечан.
Најголемата партија на Србите во Косово, пак, Српска листа, одлучи да не учествува на изборите и ги повика косовските Срби да го бојкотираат процесот. Слични повици упати и официјален Белград.