Демократски сојуз бара ревизорскиот извештај да биде доставен до сите пратеници, а воедно од партијата бараат и повлекување на осумте предлог-закони по скратена постапка кои се поврзани со изградбата на коридорите и нивно повторно доставување во Собранието во редовна постапка. Оттаму бараат и договорот со „Бехтел и Енка“ да биде доставен до пратениците и до целокупната јавност
Поради сомнежи за корупција од големи размери, Демократски сојуз (ДС) на Павле Трајанов бара да се стави мораториум на спроведувањето на проектот за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ додека договорот не биде објавен јавно и додека не се изврши ревизија на досега спроведените активности во врска со изградбата на коридорите.
„Демократски сојуз инсистира Државниот завод за ревизија да изврши ревизија над досегашните активности во врска со изградбата на коридорите 8 и 10-д. Прво, дали потпишаниот договор со ‘Бехтел и Енка’ е во согласност со позитивните законски прописи на Македонија. Второ, дали фирмите за консултации и надзор се избрани во согласност со законските решенија“,
се наведува во соопштението на ДС.

Демократски сојуз бара ревизорскиот извештај да биде доставен до сите пратеници, а воедно од партијата бараат и повлекување на осумте предлог-закони по скратена постапка кои се поврзани со изградбата на коридорите и нивно повторно доставување во Собранието во редовна постапка.
„Бидејќи претседателот на Владата Димитар Ковачевски тврди дека договорот со ‘Бехтел и Енка’ е во целосна согласност со основниот закон за изградба на коридорите кои го предложиле и изгласале самите пратеници, а тоа значи префрлање на одговорност врз пратениците, Демократскиот сојуз бара деветте (или осумте) закони, кои пратениците ги поднесоа за усвојување во скратена постапка, да се повлечат и Владата да ги достави до Собранието во редовна постапка“,
додаваат од партијата.
Дополнително, од партијата бараат договорот со „Бехтел и Енка“ да биде доставен до сите пратеници и до целата јавност, а доколку Владата и натаму тврди оти тој е класифициран, по однос на ова прашање, ја повикаа да се произнесе Дирекцијата за безбедност и класифицирани информации.
Партијата ги отфрла, како што вели, тезите на власта дека тие што наводно го оспоруваат овој проект се против САД и ЕУ, но додаваат оти нема да ги поддржат законските измени додека не се обезбеди целосна транспарентност и ревизија на досегашните активности поврзани со проектот.