Овие избори ќе ги бојкотира најголемиот политички субјект на косовските Срби – Српска листа. Партијата кажа дека изборите се недемократски и побара утре сите избирачки места да бидат празни, што би испратило јасна порака до Приштина и до меѓународната заедница
Европската Унија оцени дека одржувањето на изборите на северот на Косово во мирни услови е од суштинско значење и ги повика сите страни на воздржаност
Во четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – утре ќе се одржат вонредни локални избори откако градоначалниците од редовите на Српска листа поднесоа оставки во ноември минатата година противејќи се на одлуката на косовската влада да ги замени српските ознаки на регистарските таблички со ознаката РКС (Република Косово).

Овие избори ќе ги бојкотира најголемиот политички субјект на косовските Срби – Српска листа. Партијата кажа дека изборите се недемократски и побара утре сите избирачки места да бидат празни, што би испратило јасна порака до Приштина и до меѓународната заедница.
Претседателката на Косово ги повика граѓаните да гласаат
Косовската претседателка Вјоса Османи ги повика граѓаните од овие општини да го искористат своето право на глас со порака дека денот на изборите е моментот да се слушне гласот на граѓаните.

„Вашето учество на изборите ќе испрати силна порака до оние што сакаат да ве заплашат и угнетуваат, дека нема да можат да ве замолчат и дека функционерите што ќе ги изберете ќе ви служат вам и на интересите на сите граѓани на општината. Учеството на изборите значи подобар живот за сите вас“,
изјави косовската претседателка.
Османи во пораката до граѓаните кажа дека косовските институции прават сè за изборите да поминат во слободна и фер атмосфера и да се гарантира безбедноста на гласачите.
ЕУ повикува на мирно одржување на изборите
Европската Унија оценува дека одржувањето на изборите на северот на Косово во мирни услови е од суштинско значење и ги повика сите страни на воздржаност.

„Многу е разочарувачки што Српска листа, која ги претставува косовските Срби, одлучи да не учествува на локалните избори и покрај тоа што тие беа одложени од декември за април, а беше продолжен и крајниот рок за поднесување кандидатури“,
вели портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
Стано потсети дека суштински дел од спроведувањето на договорот на нормализација меѓу Србија и Косово ќе биде одржливо враќање на косовските Срби во косовските институции, вклучително и во локалната власт.
„И Косово и Србија треба да му дадат приоритет на враќањето на косовските Срби во локалната власт, полицијата и судството“,
рече портпаролот на ЕУ.
Вучиќ: Косовските Срби ќе покажат оти не може некој да ги гази
На утрешните вонредни избори на северот на Косово, според српскиот претседател Александар Вучиќ, косовските Срби ќе покажат обединетост и решеност оти не може некој да ги гази.
„Ги повикувам Србите уште повеќе да ги разочараат, да видат колку сме обединети и дека не можат да нè газат“,
рече српскиот претседател.

Вучиќ додаде дека е изненаден од изјавата на портпаролот на ЕУ, Петер Стано, кој претходно изрази разочарување поради одлуката на Српска листа да не учествува на изборите.
„Досега учествувавме во четири или пет изборни циклуси во Косово, а не требаше да учествуваме во ниту еден од нив додека не се формира Заедницата на српски општини (ЗСО). Но, не го спроведоа ЗСО. За тоа не е виновна само Приштина, туку и ЕУ која е гарант на имплементацијата. По девет и пол години малтретирање, Србите им велат – ‘не, нема да одиме на избори, додека вие не го спроведете договореното’, но ним повторно им се виновни Србите“,
рече Вучиќ.
На прашањето што ќе се случи откако ќе се одржат изборите и ќе се формира власта во општините на северот на Косово, Вучиќ рече: „Ништо, целосна окупација на која луѓето се подготвени, навикнати и научени“.
Во пресрет на утрешните избори косовската полиција информира дека ги презела сите мерки за безбедно и непречено спроведување на изборниот процес во четирите општини на северот на Косово.
Надлежните институции ги повикаа сите граѓани да соработуваат со косовската полиција, државното обвинителство, Централната изборна комисија (ЦИК) и да ги пријават сите незаконски случаи поврзани со безбедноста, изборниот процес или друго.