За жал, опозицијата, како и во многу други наврати и други процеси, реши да не учествува во работната група за уставните измени. Меѓутоа, таа останува секогаш отворена за нивни сугестии, за вклучување на нивни претставници, со оглед на тоа дека овој процес не е процес на еден човек, не е процес на една политичка партија, не е процес на една влада, туку е процес на целата држава, вели премиерот

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека процесот на уставни измени е структуриран процес и тоа е една од одлуките кои ќе треба да бидат донесени до полноправното зачленување на државата во Европската Унија.
„Предлагач на измените ќе биде Владата и затоа е формирана работна група во рамки на Министерството за правда, во која членуваат експерти по уставно право, од академската заедница, експерти кои имаат големо практично искуство во уставното право, како поранешен претседател на Уставен суд, поранешни уставни судии, професори од областа на уставното и сродните права, како и претставници на политичките партии. За жал, опозицијата, како и во многу други наврати и други процеси, реши да не учествува во работната група. Меѓутоа, таа останува секогаш отворена за нивни сугестии, за вклучување на нивни претставници, со оглед на тоа дека овој процес не е процес на еден човек, не е процес на една политичка партија, не е процес на една влада, туку е процес на целата држава бидејќи ние имаме одговорност пред граѓаните, сите политички партии да обезбедиме европска иднина на граѓаните“,
изјави премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното интервју за телевизија Сител.
Премиерот Ковачевски рече дека по процесот на уставни измени ќе следуваат и други одлуки за кои, исто така, има потреба од двотретинско мнозинство во Собранието.
„Тоа се реформи на јавна администрација, реформи на правосудство, обвинителството, децентрализација. Тоа се закони кои според нашето уредување и реформи, се носат со двотретинско мнозинство. Затоа велам дека оваа одлука е одлука за зачленување на државата во Европската Унија и како таква ја третираме од страна на Владата, со оглед на тоа дека е значајна за иднината на државата да стане земја членка на Европската Унија“,
рече премиерот.
Ковачевски рече дека политичарите треба да носат одлуки со кои обезбедуваат подобра иднина на сегашните и на идните генерации.
„Европска иднина практично значи поголеми плати, подобар систем, пофункционални институции, подобри услуги за граѓаните и сето тоа да го имаат во нашата држава, во Северна Македонија, бидејќи тоа граѓаните го потврдиле дека го сакаат. Нашите граѓани сакаат да живеат во Европската Унија, меѓутоа да живеат во Европската Унија во Северна Македонија, во својата земја, а не да живеат во Европска Унија во туѓина. Тоа е обврска на секој политичар бидејќи тие треба да носат одлуки со кои обезбедуваат подобра иднина на генерациите“,
рече Ковачевски.