Од Општината ги повикуваат надлежните органи да преземат мерки за пронаоѓање на бистата, но и на сторителите на вандалското однесување

Општина Струга го осуди вандалскиот чин за крадењето на бистата на поетот Славко Јаневски од алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим.
Од Општината ги повикуваат надлежните органи да преземат мерки за пронаоѓање на бистата, но и на сторителите на вандалското однесување.
Струга, како што е наведено во реакцијата од Општината, е мултиетнички, мултикултурен и мултирелигиски град, а кохезијата што владее меѓу сите граѓани, без разлики, е уникатен пример за тоа како граѓаните содејствуваат и живеат заедно, на високо ниво на толеранција и разбирање во многу сфери од секојдневниот живот.
„Затоа, најостро го осудуваме ова дејствие и ќе преземеме мерки за што поскоро решавање на овој проблем и нема да дозволиме да постанеме жртви на вакви провокации за уништување на меѓуетничките односи во Струга. Апелираме и до стружани доколку имаат некаква информација, да пријават во општината или во Полициската станица во Струга“,
додаваат од Општината.
СВР Охрид, денеска, соопшти дека вчера во 14:40 часот во ОВР Струга било пријавено дека во периодот од 12 до 19 април напладне, била одземена биста на Славко Јаневски. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Претходно Националната установа „Струшки вечери на поезијата“ информира дека вчера при вообичаена проверка забележале дека ја нема бистата на македонскиот поет Јаневски. Исто така било констатирано дека и бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин биле видливо разнишани во, како што велат од установата, очигледен обид да бидат откорнати од постаментите. Институцијата го осуди чинот на вандализам и побара од полицијата пронаоѓање на сторителите, а до граѓаните апелираше да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата.
Од Националната установа апелираат дека ваквите вандалски чинови треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и Министерството за внатрешни работи, преку засилени мерки на обезбедување на локацијата и организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата.