За да стапат на сила законските измени, тие ќе треба да добијат зелено светло и од Горниот дом на рускиот парламент, по што претседателот Владимир Путин ќе може да го потпише Указот

Руските пратеници во државната Дума (Долниот дом на рускиот парламент) денеска изгласаа серија амандмани на Кривичниот законик, со кои се зголемуваат казните наменети за сузбивање на противниците на власта, а најважниот е амандманот што се однесува на делото „велепредавство“.
Актуелната казна за „велепредавство“ е со максимални 20 години затвор, а со предлог-законските измени таа се зголемува на доживотен затвор.
Во предлогот стои дека граѓаните на Русија, вклучувајќи ги и оние со двојно државјанство, може да бидат осудени за ширење државни тајни кон странски држави, организации или нивни претставници, за шпионажа, како и за пружање финансиска, логистичка, советодавна или друг вид помош во активности против безбедноста на Руската Федерација.
Законските измени беа предложени на 7 април односно пред да биде осуден опозицискиот активист Владимир Кара-Мурза кому вчера рускиот суд му одреди 25 години затвор. Тој беше обвинет за велепредавство, но и за ширење „лажни“ информации за руската армија и за поврзаност со „непожелна организација“.
За да стапат на сила законските измени со кои ќе се воведе доживотен затвор за „велепредавство“, тие ќе треба да добијат зелено светло и од Горниот дом на рускиот парламент, по што претседателот Владимир Путин ќе може да го потпише Указот.