Новинарот беше уапсен на 29 мај, а доколку биде прогласен за виновен за шпионажа му се заканува казна до 20 години затвор. Неговото апсење и обвинението е првпат од советската ера Москва да обвини американски новинар за шпионажа

Американскиот новинар Еван Гершкович, дописник за „Волстрит журнал“, денеска за првпат се појави во јавноста откако беше изведен пред судот во Москва по негово апсење на крајот на март од руските служби.
Тој беше уапсен во градот Екатеринбург под обвинение за шпионажа и заврши во притвор, а денеска пред судот бараше да биде пуштен на слобода или барем во куќен притвор со понудена гаранција.
Тој пред судот се појавил облечен во карирана кошула и фармерки, стоел со скрстени раце, зад стаклена кабина отпорна на куршуми.

Неговиот адвокатски тим понудил кауција од 50 милиони руски рубљи (614 000 долари) за да се брани од слобода или мерката притвор да му се замени со куќен притвор, меѓутоа судот во Москва го одбил барањето што значи дека Гершкович ќе остане во притвор во затвор најмалку до 29 мај.
Покрај адвокатскиот тим, во судница била присутна и американската амбасадорка во Москва, Лин Трејси.
На новинарите, пак, им било дозволено да влезат само на почетокот на рочиштето, како и на крајот од рочиштето, а не биле присутни во судница за време на изнесувањето на аргументите и доказите.
Амбасадорката Трејси, пренесува Би-би-си, во изјава за медиумите по рочиштето рекла дека успеала да добие пристап до Грешкович за првпат дури во понеделникот, како и дека тој е во „добро здравје и останува силен и покрај околностите“.
„Обвиненијата против Еван се неосновани и ја повикуваме Руската Федерација веднаш да го ослободи“,
вели Трејси.
Една од адвокатките на американскиот новинар, Татјана Ножкина, пак, изјавила дека нејзиниот клиент негира дека е виновен и е подготвен да го докаже тоа.
Повеќе од 40 земји, предводени од САД, вчера објавија заедничка изјава во Обединетите нации повикувајќи Грешкович да биде ослободен и осудувајќи ја Москва за заплашување на медиумите.
Новинарот беше уапсен на 29 мај, а доколку биде прогласен за виновен за шпионажа му се заканува казна до 20 години затвор.
Русија тврди дека тој се обидувал да прибере доверливи одбранбени информации за американската влада, додека Грешкович негира дека сторил нешто нелегално. Неговото апсење и обвинението е првпат од советската ера Москва да обвини американски новинар за шпионажа.