Слободниот влез во музеите и локалитетите е по повод светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети што се одбележува денеска
По повод 18 Април – Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, денеска влезот во сите музеи и локалитети во земјава ќе биде бесплатен.

„Отворени ќе бидат вратите на националните установи, заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и Струмица, на Стоби и Хераклеа, Спомен куќата на Тоше, Археолошкиот музеј, Националната галерија со сите свои објекти, Музејот на современата уметност, Музејот на македонска борба, Историскиот музеј во Крушево, Уметничката галерија во Тетово, ‘Др Никола Незлобински’ во Струга, Музејот на Западна Македонија во НОВ, во Кичево, Музејот на Тетовскиот крај, музеите во Куманово, Гевгелија, Природно-научниот музеј, Музејот на Северна Македонија“,
објавија од Министерството за култура.
Темите на Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети секоја година се актуелни, велат од Министерството и додаваат оти тие се однесуваат на подигање на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, на заштитата, чувањето и афирмацијата на богатството откриено преку археологијата.
Годинашната тема е „Промените на културното наследство“, која, како што додаваат од Култура, ги опфаќа прашањата за културното наследство кои се отвораат со климатските промени.