Високиот комесар за човекови права на ОН, Фолкер Тирк, нагласи дека 25-годишната затворска казна што денеска му ја изрече градскиот суд во Москва на новинарот и активист со руско-британско државјанство, е „уште еден удар врз владеењето на правото и граѓанскиот простор“ во Русија. Реакции по повод пресудата денеска стигнаа и од Европската Унија, која ја нарече „скандалозно тешка“, а Берлин и Лондон исто така побараа од руските власти веднаш да го ослободат Кара-Мурза
Зборувајќи пред судот по изрекувањето на пресудата, адвокатката на Кара-Мурза, Марија Ајсмон, рече дека тешката казна е „застрашувачка“, но и истовремено претставува и „високо признание“ за работата на нејзиниот клиент, пренесува Би-би-си
Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Тирк, ја повика Москва да го ослободи долгогодишниот критичар на Кремљ, новинарот и активист, Владимир Кара-Мурза, кој денеска под обвинение за предавство беше осуден на 25-годишна затворска казна, пренесува „Гардијан“.

„Кара-Мурза е осуден по обвиненија кои се чини дека се поврзани со легитимното остварување на неговото право на слобода на мислење, изразување и здружување, вклучително и неговата јавна критика за нападот на Руската Федерација против Украина. Никој не треба да биде лишен од слобода поради остварување на своите човекови права и ги повикувам руските власти да го ослободат без одлагање“,
рече Тирк.
Шефот за човекови права на ОН ги повика руските власти дека сè додека го држат новинарот во притвор, тој мора да биде третиран со хуманост и со почитување на неговото достоинство.
Тирк нагласи и дека казната што денеска му ја изрече градскиот суд во Москва на новинарот и активист со руско-британско државјанство, е „уште еден удар врз владеењето на правото и граѓанскиот простор“ во Русија.
Реакции по повод пресудата денеска стигнаа и од Европската Унија, која ја нарече „скандалозно тешка“.
„Шокантно острата судска пресуда уште еднаш ја покажува злоупотребата на судството за вршење притисок врз активистите, бранителите на човековите права и на сите гласови кои се противат на нелегитимната руска агресивна војна против Украина“,
изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, пренесува Дојче веле.
Германските и британските власти исто така побараа од Москва веднаш да го ослободи Кара-Мурза.
Владата во Берлин ја оцени денешната пресуда, но и другите слични одлуки на руските судови изминатиот период како обид да се спречат критичките гласови во Русија.
Британските власти велат дека ќе го повикаат рускиот амбасадор во Лондон, Андреј Келин, да му пренесат дека пресудата „се коси со меѓународните обврски на Русија за почитување на човековите права“.
На странските медиуми, меѓу кои и Би-би-си, не им бил дозволен влез во судницата. На изрекувањето на пресудата, како што пренесува британскиот национален сервис, пристап добиле само неколку новинари од руските државни медиуми и мајката и адвокатот на обвинетиот.
Наместо тоа, новинарите и странските дипломатски претставници биле собрани во посебна просторија каде што на два ТВ-екрани го следеле изрекувањето на пресудата.
Зборувајќи пред судот по изрекувањето на пресудата, адвокатката на Кара-Мурза, Марија Ајсмон, рече дека тешката казна е „застрашувачка“, но и истовремено преставува и „високо признание“ за работата на нејзиниот клиент.
„Кога (Кара-Мурза) слушна дека е осуден на 25 години, рече: мојата самодоверба дури се зголеми; сфатив дека сум правел се како што треба!“
изјави адвокатката, пренесува Би-би-си.
Во својот завршен говор пред судот минатата недела, Кара-Мурза со пркосен тон одби да побара од судот да биде ослободен и рече дека стои зад сè што кажал, пишува „Гардијан“.
„Се обвинувам себеси само за една работа. Што не успеав да ги убедам моите сонародници и политичарите во демократските змеји за опасноста што актуелниот режим на Кремљ ја преставува за Русија и светот“,
рече 41-годишниот Кара-Мурза (41), кого Амнести интернешнл (Amnesty International) го нарече „затвореник на совеста“.
Кара-Мурза беше уапсен во април минатата година под обвинение за ширење на, според руските власти, лажни вести за армијата на земјата.
Во август 2022 година, тој беше обвинет дека е поврзан со „непожелна организација“ поради учество на конференција за поддршка на политичките затвореници.
Два месеци подоцна тој беше обвинет за предавство поради критиките упатени до властите во Москва кои ги изнел на три јавни настани во странство.
Инаку, Кара-Мурза е руски државјанин по раѓање, но поседува и британско државјанство кое го добил откако на 15 години со својата мајка се преселил во Обединетото кралство.