Сообраќајна несреќа на автопатот Белград – Ниш се случи попладнево во близина на Крагуевац. Српските медиуми известуваат дека околу 14 часот, автобус кој превезувал ученици од Ниш излетал од патот и ја пробил заштитната ограда откако возачот изгубил контрола над возилото. Според првичните информации, повреден е само возачот, кој е пренесен во болницата во Јагодина. Според сведоштва на родителите на учениците, на возачот му се слошило, па неофицијалните претпоставки за несреќата се дека тој имал срцев удар.
„Децата се загрижени за возачот, тој беше однесен со возило на итна помош. По сè изгледа дека имал срцев удар. Не бил уморен, возачите се смениле кај Белград, овој возач не возел повеќе од час и половина“
изјавила за „Нова“ мајка на еден од учениците.

Како што пишува „Нова“, два автобуса со ученици се враќале од Шпанија. Едниот веќе стигнал во Ниш, а учениците кои се возеле во автобусот што учествуваше во несреќата, чекале кај Белград за да ги земе друг автобус.