Имаме задача – моја, ваша, заедничка – да му ставиме крај на ова сивило и да ги промениме работите! Да ставиме крај на неправдите и на заедничките болки што предизвикуваат заеднички страдања! Заедно да се избориме за нови стандарди! Друга опција немаме, и ова е Македонија за која се бориме, порача Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ до православните верници испрати честитка по повод празникот Воскресение Христово – Велигден во која повика да се стави крај на „неправдите и на заедничките болки што предизвикуваат заеднички страдања“.
„Живееме во време полно со предизвици, поделби, гнев, со омраза едни кон други, но и во време на големи неправди. А тоа највеќе нè боли! Кога гледаме дека од нашите раце сакаат да ја оттргнат надежта, соништата – нашите најмлади членови на ова општество кои притиснати од очајот на властa се приморани да ја бараат својата среќа во други држави, надвор од нивните родни огништа! Имаме задача – моја, ваша, заедничка – да му ставиме крај на ова сивило и да ги промениме работите! Да ставиме крај на неправдите и на заедничките болки што предизвикуваат заеднички страдања! Заедно да се избориме за нови стандарди! Друга опција немаме, и ова е Македонија за која се бориме“,
се вели во честитката на Мицкоски по повод празникот Велигден.
Тој испрати и порака до МПЦ-ОА, да продолжи да биде „големиот чувар на идентитетот на македонскиот народ“.
„Во овие празнични денови испраќам и порака кон една од нашите најголеми идентитетски тврдини – Македонската православна црква – Охридската архиепископија: единството и трепетот над македонскиот оган, како и секогаш низ вековите – да продолжат да бидат главната одлика. Мудроста и разумот да продолжат да бидат главните двигатели на сите одлуки во овие историски времиња. Целосно знаејќи за она што сме и за она што мора да продолжиме да бидеме. И верувам дека нашата света црква како и до сега, ќе продолжи да биде големиот чувар на идентитетот на македонскиот народ“,
порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.