Изразувам големо жалење што еден здравствен работник вака се однесувал и ќе направиме сè за во иднина да не ни се случи вакво нешто, порача министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната прес-конференција заедно со директорот на Клиничката болница во Тетово, Плумб Вела, откако анестезиолог од болницата снимаше пациенти и видеото го објави на социјалната мрежа Тик-ток.
„Ми се јави на телефон и началникот на СВР Тетово и ми кажа дека здравствениот работник е приведен и ние понатаму ќе направиме сè за вакви случаи да не се случат во иднина. Во координација сме со многу други институции и со Лекарската комора и јас барав веднаш да му се прекине работниот однос и да му се одземе лиценцата за работа на овој доктор“
изјави министерот Меџити.

Директорот на Клиничка болница Вела исто така изрази жалење за настанот и појасни дека лично го пријавил случајот во полиција откако разбрал за објавената снимка.
„Тоа се случило на одделението за киретажа каде што тој работел како анестезиолог. Додека вчера јас бев во Скопје, видеото ми го прати еден новинар. Штом го видов видеото, веднаш дојдов во Тетово и јас лично, како директор на болницата, случајот го пријавив во полиција бидејќи станува збор за сериозна работа. За случајот бевме во постојана комуникација со Министерството и министерот“,
потенцира Вела.
Доцна синоќа анестезиологот бил приведен во полициска станица. Станува збор за 43-годишен лекар од селото Одри, кој снимаше пациентки и медицински персонал во болницата во Тетово и снимката ја објави на Тик-ток. Лекарската комора го осуди инцидентот и најави дека ќе го испита случајот, а од Алтернатива побараа морална и политичка одговорност од директорот на болницата каде што анестезиологот бил вработен.