Најостро го осудуваме инцидентот со видеото од болницата во Тетово, пациентките кои се снимани се нечии мајки, сопруги, ќерки, личности со емоции на кои ни криви ни должни им се наруши приватноста, реагираат од Алтернатива. Поранешниот директор на болницата во Тетово од редовите на оваа партија, Амир Елези, обвинува дека состојбите во здравството се последица на некадарноста на Алијанса да се справува со системските слабости во ресорите кои ги бараа и добија.
„Ниту едно оправдување не држи. За скандалот да биде уште поголем, лекарот кој го снимал видеото е сликан со министерот за здравство при негова посета на болницата во Тетово. Насмеан и среќен. Во цивилна гардероба, што укажува дека е можно да не бил на работа туку специјално се појавил за министерот“
вели Елези.
Елези го обвини и лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој, како што рече, бил министер за здравство, работи како лекар во Клинички центар и однапред требало да знае што значи раководење со ресорите со кои го условуваше влезот во Владата. Оттука, бараат политичка и морална одговорност за случајот.
„Затоа не е доволно да се пријавува случајот во МВР. Неопходна е политичка одговорност за вакви скандали кои се надвор од сите етички стандарди за лекарската професија. Најмалку што може да стори Министерот за Здравство е веднаш да го разреши директорот на болницата во Тетово. Бараме одговорност сега и веднаш!“
велат од Алтернатива.
Алтернатива нема да молчи пред овие скандали туку ќе ги користи сите механизми за заштита на достоинството и моралот на пациентите во која било здравствена установа, додаваат од партијата.