Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден инспекциски надзор во однос на причината за смртта на пациентoт од Велес, за кој денеска е соопштено дека постсмртно е докажано дека бил заразен од коронавирус.
Според информации добиени од Општата болница во Велес, од Министерството за здравство соопштуваат дека пациентот, на возраст од 78 години, во вторникот бил прегледан од дежурниот лекар на Инфективното одделение во велешката болница. Пациентот бил донесен како итен случај со возило на Итната медицинска помош, бидејќи имал претходно закажан термин од матичен лекар во 19:20 часот.
Пациентот бил болен четири до пет дена пред прегледот, со покачена телесна температура и кашлица со искашлување на секрет, од матичен лекар бил лекуван со антибиотик, парацетамол и витамини, велат од Министерството за здравство. Роднините, како што се посочува, негирале епидемиолошка поврзаност преку контакти со сомнителни или заболени од коронвирус. На денот на прегледот, фамилијата забележала кај пациентот розеникав по боја искашлок и побарале да му биде земен брис од страна на епидемиолошката служба и да биде прегледан неколку часови порано од веќе закажаниот термин.
Како што објаснуваат од Министерството за здравство, во моментот на преглед, пациентот бил без температура, во стабилна општа состојба, со бронхитичен наод на бели дробови, поради што му е ординирана антибиотска терапија, бронходилататорна, експекторанс, витамини и даден совет за домашна изолација, како и контрола на резултатот од земениот брис. Се било уредно евидентирано – со документација, а проценка на докторот е според симптоматологијата како да постапи. Земена е епидемиолошка анамнеза и од неговата ќерка.