Од партијата велат дека пријавата се однесува на лажните изјави и клевети кон македонскиот народ и Македонија кои Христијан Пендиков ги изнел за време на интервјуто кое во февруари годинава го имаше за бугарската телевизија БТВ
Меѓу останатото што секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ го изјави во интервјуто за БТВ во февруари годинава беше и тоа дека во Македонија е нормално некој да биде тепан само затоа што е Бугарин, а кажа и дека во земјава се учи лажна историја според која Бугарите се фашисти
Опозициската партија Левица денеска преку писмено соопштение до медиумите информира дека до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид поднела кривична пријава против Христијан Пендиков, генералниот секретар на бугарскиот културен клуб во Охрид „Цар Борис Трети“.

Од партијата велат дека пријавата се однесува на лажните изјави и клевети кон македонскиот народ и Македонија кои Пендиков ги изнел за време на интервјуто кое во февруари годинава го имаше за бугарската телевизија БТВ.
„Имено, пријавениот во контроверзното интервју ги изнесува познатите негаторски тези на бугарскиот шовинизам дека ‘Македонците и Бугарите се еден исти народ’. Со ваквата изјава, Пендиков ја изложува на подбив Република Македонија, која е конституирана и постои како национална држава на македонскиот народ. Оваа изјава е дејствие директно насочено кон разгорување национална омраза и нетрпеливост, изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ја нејзината посебност и самобитност“,
велат од Левица.
Од партијата додаваат дека Пендиков се товари оти извршил повеќе кривични дела, односно – повреда на угледот на Републиката (казниво по член 178 од кривичниот законик), излагање подбив на македонскиот народ (казниво по член 179 од Kривичниот законик) и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа (казниво по член 319 став 1 од законот).
Практиката на несанкционирање на обезвреднување на основните обележја на Македонија, велат од Левица, може да предизвика сериозни штетни последици по националните интереси и безбедност во иднина.
Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, во февруари годинава имаше интервју за бугарската телевизија БТВ во кое говореше за инцидентот во кој беше претепан пред кафе-бар во Охрид кон средината на јануари. Раскажуваше оти и самиот не ги поднесувал Бугарите кога бил помлад, но дека пред неколку години се разбудил и станал македонски Бугарин.
Меѓу останатото што Пендиков го изјави во инtервјуто за БТВ, беше и тоа дека во Македонија е нормално некој да биде тепан само затоа што е Бугарин, а кажа и дека во земјава се учи лажна историја според која Бугарите се фашисти.