За претседателот спорни се и предлог-измените на Законот за експропријација бидејќи нагласува дека со нив се поништува двостепеноста на одлуките, што е уставно загарантирано. Дали ќе стави вето, пак, вели дека е рано да размислува бидејќи ќе чека прво да ја види конечната верзија на законите. На пратениците, особено на предлагачите, им порача добро да ги разгледаат одредбите што ги предлагаат и рече оти се надева дека има и друг начин освен филибастерингот, да се убедат дека треба да се повлечат спорните предлози
Коментирајќи ја американската компанија „Бехтел“ која заедно со турската „Енка“ ќе ги гради коридорите 8 и 10-д тој рече дека станува збор за врвна светска компанија, која имала неколку негативни искуства во земјите од регионот каде што има злоупотреби и криминал
Пендаровски го коментираше и надзорот на изградбата на автопатиштата, за што рече дека не може да сфати како една-две компании за кои јавно беа изнесени сомнежи и кои немаат никакво искуство, воопшто се нашле во конзорциумот
Претседателот Стево Пендаровски вели дека предлог-измените на Законот за работни односи, кои предвидуваат зголемување на работната недела за работниците ангажирани за проекти од национален и стратешки интерес, се неуставни.
Станува збор за предлог кој е дел од пакетот предложени измени на осум закони кои се однесуваат, пред сè, на изградбата на коридорите 8 и 10-д што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Меѓутоа, според Пендаровски, дел од овие предлог-измени се спорни. Во гостувањето во „Дневникот“ на ТВ Сител, претседателот рече дека Уставниот суд веќе еднаш се изјаснил оти работна недела подолга од 40 часа (освен по одреди исклучоци да се работи дополнителни осум часа) е неуставна и затоа се чуди зошто воопшто таква одредба сега се предлага.
„Мене ме зачудува зошто таква одредба е ставена, може нема да издржи до крај. Меѓутоа видовме вчера, и за тоа нема потврда дали договорот помеѓу Владата и ’Бехтел и Енка‘ е навистина потпишан со тие клаузули – ако не се овозможи 60-часовна работна недела во тој и тој рок, дека ќе има пенали кои се милионски во евра. Ме чуди затоа што Уставниот суд има донесено одлука во еден друг закон, со која вели дека 60-часовна или работна недела подолга од 40 часа, по исклучоци само може да работиш осум часа плус, е неуставна. Сега тоа да го ставиш повторно во закон за кој знаеш дека е сигурно неуставен, односно одредбата е неуставна, и за тоа ако не го исполниш да платиш 50-тина милиони евра е неодговорно“,
рече Пендаровски.
Тој нагласи дека се надева оти покрај филибастерингот од опозицијата, постои и друг начин со аргументи да се убедат предлагачите дека ваквата одредба треба да се повлече.
За претседателот спорни се и предлог-измените на Законот за експропријација
Освен ова, за Пендаровски се спорни и предлозите за измени на Законот за експропријација бидејќи тие предвидуваат дека кога има конечна одлука за експропријација за некој имот, тој веднаш ќе се стави на располагање на „Бехтел и Енка“ и нема да се чека правосилност на одлуката.
„Постои и една друга одредба која ја видов, иако тоа е предлог, не е конечна верзија на законите. Во еден од тие осум предлог-закони има една ситуација, која ќе видиме дали ќе остане до крај, а во која се прави обид да се поништи двостепеноста што е уставно гарантирана категорија. Зборувам за експропријацијата на имоти. Вели, по одлуката за експропријација веднаш влегува во владение тој имот на овие што експроприраат, каде е второстепено? Замислете, добива во втор степен и после кој ќе ги плаќа пеналите? Државата повторно“,
рече Пендаровски.
Тој побара пратениците, особено предлагачите, добро да ги погледнат одредбите. За вето на предлог-законите, како што рече, не може да размислува додека не ја види конечната верзија на измените што ќе бидат изгласани во Собранието.
„Негативните искуства на ’Бехтел‘ се во држави каде има злоупотреби и криминал“
Американската „Бехтел“, нагласи тој, е врвна компанија, но негативните искуства што ги имала се случувале во држави каде што има злоупотреби и криминал.
„За жал, ние непотребно се поделивме на две групи, кој е за американско-турски конзорциум, а кој е против. Демек, другите се антизападни. ’Бехтел‘ е фирма со репутација од 125 години. ’Бехтел‘ е во првите 10 градежни компании во светот со децении. Неколкуте негативни искуства што ги имаше ’Бехтел‘ во земјите од регионот, од Романија до Црна Гора, се исклучоци од правилото, инаку ’Бехтел‘ е врвна светска компанија. Зошто се случуваат овие исклучоци каде има и злоупотреби и криминал? Само ако наидеш на локални авторитети кои се податливи за тој тип на муабет“,
рече Пендаровски.
На прашање дали се сомнева во нашите локални авторитети, претседателот рече дека засега не, но сака процесот понатаму да биде кристално чист и транспарентен.
„Јас сум убеден дека и кај нас, и во мојот кабинет, има луѓе кои не се баш многу по почитување на законите, ама додека тоа не се докаже, можеме само да шпекулираме. Велам, огромен е износот на инвестицијата. Добро е што доаѓаат фирми со таква репутација. Еве да ви кажам каква е репутацијата на ’Бехтел‘ во држави кои имаат комплетен транспарентен процес. Пред многу години, ’Бехтел‘ работеше на 25 километри од атинското метро каде на секој сантиметар има нешто од археолошки ископини. На крај потпишаа меморандум за соработка со тогашното грчко Министерство за култура и немаше ниеден инцидент во таа смисла. Го направија метрото“,
рече Пендаровски правејќи паралела на спротивната ситуација што беше кај нас со предлог-измените за Законот за културно наследство, кои по бурните реакции беа повлечени.
- (ГАЛЕРИЈА) „Археолошките локалитети не се долна облека“ – МАД и ИКОМОС ги повикаа пратениците да го заштитат културното наследство
- По многубројните реакции, власта ги повлече измените на Законот за културно наследство – другите закони ќе се носат по скратена постапка, опозицијата ја напушти седницата
„Не можам да сфатам како една-две фирми се дел од надзорот“
Во вечерашниот телевизиски настап, Пендаровски зборуваше и за уште еден спорен момент. Изборот на конзорциумот кој ќе треба да прави надзор на „Бехтел и Енка“ во изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д.
Тендерот го доби конзорциум од четири компании предводени од италијанската „ИРД инженериг“, а во кои се и шпанско-кинеската „Ептиса“ и две домашни компании: „Евро консалтинг“ и „Електра солушнс“. Тие ќе ангажираат свои подизведувачи.
За нив, изминатиот период имаше низа новинарски истражувања кои фрлаа сомнеж врз дел од фирмите, а претседателот вечерва рече дека не може да сфати зошто спорните фирми се дел од конзорциумот, кога немаат ниту искуство во надзор.
„Како што знам, постојат десетина фирми кои ќе го работат надзорот. 90 отсто од тие фирми се со беспрекорно портфолио. Меѓутоа, не можам да сфатам зошто една-две, за кои излегоа јавни сомнежи, мораше да бидат во тој пул на фирми кои ќе вршат надзор, од кои едната од нив, според јавно достапните документи, нема никакво искуство во таа област, а другата од нив е формирана пет дена пред или после објавувањето на тендерот. Значи, повторно нема искуство во таа област. Мене ми се чини дека и за луѓето во ’Бехтел‘, па и за американската амбасада и САД како држава која застана зад овој проект во кој е фирма која е доминантно американска, од почетокот од меморандумот за разбирање, што се потпиша пред 5-6 месеци, до денес, до отворањето на градежните работи, и за нив е битно репутацијата на една од најдобрите фирми да не се наруши“,
рече Пендаровски.
- Обвинителството на Ислам Абази отвори предмет за надзорот на „Бехтел и Енка“
- (ВИДЕО) Вртоглави суми за надзорот над „Бехтел и Енка“ – 300 илјади евра по преговарач, 20 илјади евра месечно за надзорен инженер
- Одговорот на „Електра солушнс“ за изборот на надзор над „Бехтел и Енка“
- (ВИДЕО) Нови спорни моменти во надзорот над „Бехтел и Енка“: Фалат клучни документи за 23 експерти
- (ВИДЕО) Фирмата со 27 „перманентно вработени“ инженери во надзорот над „Бехтел и Енка“ има само двајца вработени според годишната сметка за 2022 г.