Сигурен сум дека седат некаде и размислуваат што да преземат за да направат проблем и сè што можам да кажам е дека овдешната влада ќе соработува со нас за да се создаде поширок општествен пристап кон справувањето со дезинформациите, рече денеска координаторот на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот

Јасно е дека главен извор на закана во овој дел од светот се дезинформациите генерирани од Русија, порача денеска од Скопје специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин.
Во изјава за македонските медиуми, тој оцени дека просторот е сериозно „затруен“, пред сè, од руски дезинформации.
„Претседателот Путин мислеше дека може да ја освои Украина и да ја подели Европа, но не успеа. Но, тоа не значи дека Русија не продолжува да го шири ’отровот‘ на дезинформација и поделби“,
рече Рубин.
Зборувајќи за Русија, тој рече оти е сигурен дека во Кремљ има луѓе кои не сакаат Северна Македонија да напредува на патот кон ЕУ.
„Сигурен сум дека има луѓе во регионот и во Кремљ кои не сакаат напредок во процесот што ќе и овозможи на Северна Македонија да оди напред кон ЕУ. Сигурен сум дека седат некаде и размислуваат што да преземат за да направат проблем и сè што можам да кажам дека овдешната влада ќе соработува со нас за да се создаде поширок општествен пристап кон справувањето со дезинформациите, како институции, закони, стандарди“,
рече специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент.
Рубин, кој е во посета на регионот, денеска престојува во Скопје каде се сретна со премиерот Димитар Ковачевски, со првиот вицепремиер Артан Груби, како и со министрите за информатичко општество и администрација и за локална самоуправа Азир Алиу и Ристо Пенов.
На средбата во Владата присуствувала и американската амбасадорка Анџела Агелер.
Дезинформациите и манипулацијата со информациите била тема и на овој состанок.

„Во фокус на средбата беше зацврстувањето на поддршката за иницијативите за борба со дезинформациите кои ја поткопуваат демократијата и националната безбедност низ целиот свет, и како двете страни можат да соработуваат за колективно да се спротивстават на заканите во информативниот простор на Западен Балкан. Акцентирана беше потребата од вмрежување на сите партнери и засегнати страни како на национално така и на регионално ниво“,
соопштија од Владата.
Премиерот Ковачевски на средбата со Рубин истакнал дека како Владата работат за справување со штетното дејство од дезинформациите, а оти целта на пропагандните центри кои ги шират е да внесат страв и несигурност кај населението, да ги поткопаат демократиите и на нечесен начин да шират влијание на трети страни.
„Владата застанува одлучно во спротвставувањето на дезинформациите и постојано воспоставува партнерства во оваа глобална битка, со стратешките партнери, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите“,
нагласил Ковачевски.
Само со заеднички и сеопфатен пристап, посочил премиерот, ќе успееме да се справиме со штетните последици од дезинформациите.