Ова денеска го изјави Игор Јадровски, член на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација, кој вели дека КЗСД секако ќе го испита ова за да види дали има простор за покренување постапка по службена должност. Во меѓувреме, додаде тој, ако до Комисијата пристигне претставка од граѓани, тогаш би се постапувало по Законот за спречување и заштита од дискриминација
Комисијата за заштита и спречување на дискриминација (КЗСД) можно е уште денеска да ја разгледа предлог-законската измена предложена од пратениците од мнозинството во врска со зголемување на работната недела од 40 на 60 часа за работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“.
Ова денеска го изјави Игор Јадровски, член на КЗСД, кој вели дека Комисијата секако ќе го испита ова за да види дали има простор за покренување постапка по службена должност. Во меѓувреме, додаде тој, ако до Комисијата пристигне претставка од граѓани, тогаш би се постапувало по Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Ние денеска имаме седница, но информацијата многу свежо излезе во медиумите и немаше кога вооппшто да ја ставиме на разгледување. Мислам дека на денешната седница може да биде ова разгледано за подоцна да одлучиме дали да поведеме постапка по службена должност, а секако дека ако добиеме претставка од граѓани би постапиле по Законот за спречување и заштита од дискриминација“,
вели Јадровски.
Тој ова го даде како одговор на новинарско прашање дали Комисијата ќе поднесе претставка во врска со предложените законски измени за зголемување на работната недела од 40 до 60 часа за работниците кои би работеле на изградбата на коридорите што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ и дали со ваквиот предлог-закон се кршат работничките права на овие лица.
Ваквите законски измени, заедно со уште седум предлог-закони беа поднесени од пратеници од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, а се поврзани со изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Во гостување на ТВ Сител, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вчера изјави дека Владата се обврзала да ѝ плаќа огромни пенали на компанијата „Бехтел и Енка“ доколку работната недела не се зголеми од 40 на 60 часа во период од 45 дена од потпишувањето на договорот.