Барањата на ВМРО народна партија денеска на прес-конференција ги изнесе пратеникот Љупчо Балкоски, кој во своето обраќање се осврна на повеќе нелогичности кои произлегуваат од договорот со „Бехтел и Енка“, а кои, како што наведе, сега излегуваат на површина со предлог-измените на законите кои во моментов се во собраниска процедура
Тој побара одговор и на прашањето: „Дали ако овие предлози за измени и дополнувања на законите не бидат усвоени од Собранието, Владата ќе треба да му плати финансиска отштета на стратешкиот партнер и колку сега ќе изнесува вкупната вредност на проектот кој на почетокот беше предвиден на 1,6 милијарди евра?“
Коалицискиот партнер во власта, ВМРО народна партија денеска побара од Владата да го објави договорот со стратешкиот партнер за изградба на дел од коридорите 8 и 10-д „Бехтел и Енка“ и да објасни дали измените на законите кои во моментов се во собраниска процедура се содржани во договорот како обврска на Владата.

Станува збор за законите за земјоделско земјиште; за експропријација; за урбанистичко планирање; за минерални суровини; за работни односи; за шумите; за градење, како и на законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д. Потребата за измена на овие закони, кои се носат по скратена постапка, вчера беше изгласана на пленарна седница на Собранието, а денеска влегува во процедура пред надлежните комисии во законодавниот дом.
Барањата на ВМРО народна партија денеска на прес-конференција ги изнесе пратеникот Љупчо Балкоски, кој во своето обраќање се осврна на повеќе нелогичности кои произлегуваат од договорот со „Бехтел и Енка“, а кои, како што наведе, сега излегуваат на површина со предлог-измените на овие закони.
„ВМРО народна партија, бидејќи договорот за изградба не е достапен официјално, истакнува и бара од Владата да го објави договорот или да го презентираат на коморите, стручните здруженија и невладини организации од оваа дејност и да објасни дали измените и дополнување на законите се содржани во Договорот како обврска на Владата. Зошто прво е потпишан договорот, а потоа се прават измени на закони кои на стратешкиот партнер му даваат најповластена состојба од сите досегашни инвеститори во Македонија. Истакнувам дека при потпишување на договорите изведувачите односно сега според законот стратешкиот партнер се запознаени со сите постоечки закони кои важат во Македонија и кои ќе се однесуваат и ќе важат при нивната работа и изведување на работите“,
рече Балкоски.
Тој побара одговор и на прашањето:
„Дали ако овие предлози за измени и дополнувања на законите не бидат усвоени од Собранието, Владата ќе треба да плати финансиска отштета на стратешкиот партнер и колку сега ќе изнесува вкупната вредност на проектот кој на почетокот беше предвиден на 1,6 милијарди евра?“
Ова прашање внесе нови контроверзии во врска со изведбата на коридорите 8 и 10-д, а вчера доби на интензитет со информациите што во гостување на ТВ Сител ги изнесе пратеникот и потпретседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тој рече дека ако работната недела не се зголеми од 40 на 60 часа во период од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, Владата се обврзала да му плаќа огромни пенали на американско-турскиот конзорциум.
Николоски, повикувајќи се на договорот, рече дека ќе се плаќаат пенали по три основи доколку времетраењето на работната недела не се смени во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот.
„Прво, државата еднократно ќе ѝ исплати на ‘Бехтел’ 53 милиони евра пенали. Понатаму, секој месец ќе доплаќа по дополнителни 1 265 000 евра на веќе постојните трошоци коишто треба да се платат во договорот. На ова дополнително ќе треба да се платат уште 900 000 евра секој месец“,
рече пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО народна партија, Балкоски, кој е единствен пратеник од оваа партија во Собранието и е дел од владејачкото мнозинство, нагласи дека вчера гласал против потребата за донесување на предлог-измените на законите по скратена постапка поврзани со изградбата на дел од коридорите 8 и 10-д.
Давајќи осврт на целиот процес со изборот на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, од носењето на Законот за јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на изградбата на дел од коридорите 8 и 10-д во јули 2021 година, Балкоски посочи дека не може на закон со кој е утврден јавен интерес да се поднесува нов закон за негово изменување и дополнување.
„На ваков начин се доведува во прашање и значењето и важноста на основниот закон за определување на стратешкиот партнер посебно што се менуваат суштински членови. Договорот со ‘Бхтел и Енка’ Владата го потпиша на 08.03.2023 година, а на 04.04.2023 година е означен почеток на работите. Не може после потпишување на договор и отпочнување на работите да се менуваат условите за работа особено со менување на закони кои имаат директно влијание врз изградбата, финансиите и рокот за изградба. ВМРО народна партија уште при донесувањето на основниот закон во 2021 година реагираше за членовите од договорот со кои се исклучуваат примените на законите во целост или делумно и ги потенцираше сите проблеми што сега се отвораат при реализација на договорот за изградба“,
рече пратеникот на ВМРО народна партија.
Во врска со предлог-измените на законите кои се во собраниска процедура, тој напомена дека со нивното евентуално донесување се исклучува примената на финансискиот систем во државата, како и на правниот систем во делот на важноста на овие закони.
Во врска со ова, како што истакна тој, Владата ќе треба да ѝ даде објаснување и на Европската Унија.
„Законите што треба да се изменат се донесени и во координација со Европската Унија и Владата ќе треба да даде објаснување и кон Европската Унија во делот на исклучување на примената на постоечките закони како и дали новите предлог закони се во согласност со Европското законодавство“,
рече Балкоски.
Тој во име на партијата побара од Владата да објасни и зошто надлежните министерства не се подносители на предлог-измените на законите, туку во случајот тоа се пратеници од владејачкото мнозинство – СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.
Воедно Блакоски побара и повлекување на предлог-законите од натамошна постапка.
„ВМРО народна партија ја охрабрува Владата да објасни зошто надлежните министерства не се подносители на овие предлог-закони? Затоа што на таков начин се постигнува поголема транспарентност и учество на конкретните министерства кои ги имаат ингеренциите во спроведување на законите. Затоа при работата на собраниските комисии почнувајќи од денес предлагаме овие предлог закони да се повлечат и Владата да биде предлагач на овие предлог-закони“,
рече Балкоски.
Тој најави дека ќе поднесе амандмани на сите предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите заради, како што рече, заштита на јавниот интерес, обезбедување на еднакви законски одредби и еднакви услови за изведувачите на големите градежни работи, почитување на правата на работниците кои ќе работат на проектите и заштита на животната средина.
Балкоски најави и предлог до Владата за целосно решение и комплетна изградба на автопатите од коридорите 8 и 10, а не како што се предвидува сегашното парцијално решение.