Уставниот суд оцени дека со ваквата донесена одлука на Општина Карпош, се повредува начелото на владеење на правото, унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, кои се предвидени во Уставот

Уставниот суд ја укина одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ со кој се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти центарот.
Судот утврдил дека ДУП-от не е усогласен со Генералниот урбанистички план бидејќи се предвидува изградба на бензинска станица, која е објект со класа на намена Е, на место кое е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти.
„Просторот каде се планира изградбата на бензинската пумпа е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура“,
рече портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, на денешниот брифинг со медиумите.
Уставниот суд, додаде Беловска, оцени дека со ваквата донесена одлука на Општина Карпош, се повредува начелото на владеење на правото, унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, кои се предвидени во Уставот.
„Но, исто така, направена е и повреда од членот 4 од Законот за урбанистичко планирање, бидејќи донесениот ДУП не е во согласност со ГУП-от“,
изјави Беловска.
Уставниот суд за ова прашање одлучуваше по поднесена иницијатива од Наташа Шурбановска на 3 април 2022 година.
Во однос на прашањето за евентуална отштета зошто не е изградена бензинската пумпа, кој гради и што гради, Беловска рече дека таквите прашања и информации не се земени предвид со оглед на тоа што надлежност на Уставниот суд е да одлучува дали некој закон е во согласност со Уставот и дали некој пропис, како што е одлуката за ДУП-от, е во согласност со Законот и Уставот.
Во јануари годинава за овој ДУП уставните судии донесоа одлука за суспензија, односно запирање со ивршувањето на сите поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката на Советот на Општина Карпош, за чија уставност сега е поведена постапка.
Со 16 гласа „за“, во март минатата година советниците во Општина Карпош го усвоија ДУП-от за просторот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој беше остро критикуван од група активисти.
Од Општината тврдеа дека просторот ќе биде наменет за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, спортска инфраструктура, како и бензински пумпи.
Најгласни во реакциите против донесувањето на ДУП-от беа претставници на движењето Независни за Карпош.
Од движењето тогаш остро реагираа на процедурата за носење на Деталниот урбанистички план, потенцирајќи дека не смее да има бензинска пумпа во заштитна зона на бунарски ситем и во близина на гасоводна траса.