Хрватскиот премиер во Собранието го сподели хрватското искуство за влез во Унијата и бенефитите од тоа, но исто така ги охрабри пратениците и граѓаните да продолжат по тој пат, иако на моменти изгледа дека на него има многу препреки
Хрватска со своето влијание, искуство и знаење ќе продолжи да ѝ помага на Северна Македонија на нејзиниот зацртан европски пат. Во Хрватска ,со која делите долга традиција на заемни односи, ќе имате и натаму искрен и најверен сојузник. Северна Македонија заслужува да биде дел од европското семејство, порача Пленковиќ пред пратениците

Со бројни примери го докажавте повеќе од јасно вашето определување за членство во ЕУ, покажувајќи политичка визија и храброст во исклучително предизвикувачки политички моменти за вашата земја. Свесен сум и во целост разбирам одредени фрустрации и незадоволство, имајќи ги предвид годините чекање пред вратата на ЕУ, но овој пат сакам да ве охрабрам да не губите верба и надеж, туку, напротив, да вложите дополнителни напори во спроведување на реформите и условите како подготовка за идно членство во Унијата, рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој попладнево се обрати пред пратениците во македонското Собрание.
Колку и тоа сега да ви се чини тешко и неизвесно, рече Пленковиќ, политичките прилики и вашето јасно определување за членство во Унијата, бара да направите исклучително важен чекор за вашата земја, за нејзините граѓани и за идните генерации.
Хрватскиот премиер во Собранието го сподели хрватското искуство за влез во Унијата и бенефитите од тоа, но исто така ги охрабри пратениците и граѓаните да продолжат по тој пат, иако на моменти изгледа дека на него има многу препреки.
Пленковиќ ја потенцира важноста на политичкиот консензус на сите хрватски парламентарни партии за време на пристапните преговори за членството на Хрватска во ЕУ. Тоа, според него, значајно придонело за завршување на преговорите и покрај прилично неповолните околности.
„Улогата на парламентот кој усвои огромен број закони поради усогласување со европската регулатива беше клучна за успехот на нашиот пристапен процес“,
рече Пленковиќ.
За таа цел, во Хрватскиот сабор било формирано посебно работно тело, Национална комисија за следење на преговорите со ЕУ, на чие чело бил претставник на опозицијата, додека местото на потпретседател ѝ припаѓало на владејачката партија. Освен тоа, членови биле и претставници на академската заедница, на Синдикатот и работодавачите, со цел да се вклучат што поголем број претставници кои исто така биле важни во подготовките на што подобри преговарачки ставови.
„Од денешна перспектива можам да кажам дека таков еден ‘Сојуз за Европа’ ги собра сите политички и општествени структури и спречи околу процесот на преговори со ЕУ да се водат погубни внатрешнополитички битки и препреки, кои инаку би го забавиле нашиот пат кон членство“,
рече Пленковиќ.
Според него, припадниците на сите делови од хрватското општество и целокупната јавност почувствувале дека процесот на пристапување кон ЕУ е заеднички потфат. Токму затоа клучната порака на хрватскиот премиер беше упатена кон пратениците и кон сите граѓани на Македонија.
Хрватска, нагласи Пленковиќ, со своето влијание, искуство и знаење ќе продолжи да ѝ помага на Северна Македонија на нејзиниот зацртан европски пат.
„Во Хрватска, со која делите долга традиција на заемни односи, ќе имате и натаму искрен и најверен сојузник. Северна Македонија заслужува да биде дел од европското семејство“,
порача тој, повторувајќи ја цврстата поддршка што Хрватска ѝ ја дава на Северна Македонија на европскиот пат.
Пленковиќ нагласи дека денеска дошол во Скопје за уште еднаш да ја повтори јасната и цврста поддршка што Хрватска од самиот почеток ја дава на европскиот пат на Северна Македонија. Тој изрази гордост што одлуката за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија е донесена за време на хрватското претседавање со Советот на ЕУ, што било еден од клучните приоритети на Загреб.
Тој додаде дека Хрватска исто така е и најактивната држава членка на ЕУ кога станува збор за поддршката и јакнењето на институционалните капацитети на нашата земја за пристапни преговори и членство во Унијата.
„Во сегашни околности да припаѓаш во кругот од вкупно 15 земји кои се истовремено членки на НАТО, ЕУ, на Шенген и на Еврозоната, и тоа како е голема предност бидејќи значајно придонесува за нашата безбедност, како и политичката и финансиската стабилност“,
рече Пленковиќ.

Осврнувајќи се на војната во Украина, пред пратениците Пленковиќ рече дека Хрватска ќе продолжи и натаму да ја поддржува оваа земја на политички, финансиски и дипломатски план, хуманитарно и со воена помош. Тој изрази задоволство што за сето тоа постои согласност со Владата на Северна Македонија која во тој поглед ја усогласи својата надворешна политика со надворешната политика на ЕУ, што е од особена важност бидејќи, како што кажа, Северна Македонија покажала дека е навистина приврзана кон заедничките европски вредности и дека е на вистинската страна на историјата.
Според Пленковиќ, многубројни предизвици и закани во овој момент бараат силна поангажирана и појасна улога на ЕУ во глобалните односи. Тој додаде дека руската агресија на Украина фрли ново светло и на перспективите на земјите од ЈИЕ и нивниот стремеж да се придружат на ЕУ, а во согласност со тоа, потребна е нова стратешка визија за иднината на регионот за да се осигури не само нејзината стабилност, туку и демократизацијата и стопанскиот развој.
„Идното членство на земјите од Југоисточна Европа во ЕУ е вистински политички, безбедносен и економски интерес на Унијата“,
заклучи Пленковиќ.
На свечената седница, на која се обрати Пленковиќ, присуствуваа и претседателот на државата, Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министри во Владата, претставници на судската власт, лидери на верските заедници, амбасадори и претставници на дипломатскиот кор.