Со оглед на дебата и предлогот од ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да се направат според хрватскиот модел, хрватскиот премиер одговараше и на новинарски прашања поврзани со тоа, па рече дека партиите треба да најдат модел што е својствен за Северна Македонија

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на земјава, денеска од Скопје порача дека во Северна Македонија треба да се постигне консензус за уставните измени и оти земјава треба да го искористи моментот за ја забрза динамиката на преговори со ЕУ.
Во спротивно, според него, нема да биде добро ако државата се доведе во ситуација некој да ѝ приговара дека сама се кочи на патот кон ЕУ.
„Гледано во поширок контекст, ако Украина доби кандидатски статус, ако тоа го доби Молдавија, ако БиХ доби кандидатски статус, ако Косово аплицираше, ако Црна Гора и Србија преговараат, тогаш сега е момент. Во тој контекст и Северна Македонија, штитејќи го својот национален интерес и идентитет и јазик, треба да се вклучи на начин со кој ќе ја зголеми динамиката на пристапниот процес. Таа одлука е сега и тој момент треба да се искористи. Нема да биде добро земјата да се доведе во позиција другите да ѝ приговараат односно да ѝ кажат дека таа го забавува процесот“,
рече Пленковиќ на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Тој наброја низа придобивки од членството во ЕУ, а тука ја спомена и заштитата на идентитетот.
„Знам колку нам ни значеше пристапувањето во ЕУ, колку е повеќе развиена, колку повеќе средства има на располагање, колку се поголеми инвестициите, колку Хрватска е позаштитена што е во европското семејство, колку е побезбедна што е во Шенген-зоната. Вие како земја и народ со влегувањето во ЕУ ќе го заштитите својот идентитет и затоа политички е мудро да се најде пат со кој сите ќе се сложите, а Хрватска како пријател или поширок сосед од се срце ќе ве поддржи“,
нагласи хрватскиот премиер.
Пленковиќ не сакаше да навлегува во детали во однос на уставните измени бидејќи рече дека тоа се приговори што треба да се остават на политичките партии во земјата кои треба да најдат компромис.
„Тоа е единствен начин исправно и легитимно да се донесат такви стратегиски одлуки што се важни. Она што го сметам за добро е да се постигне консензус зад кој ќе застанат сите, првенствено народот, а потоа и нивните политички претставници. Според мое мислење, а јас го следам вашиот процес 30 години, тоа мора да биде нешто што ќе ги елиминира неправдите кон Северна Македонија и ќе ги намали фрустрациите што се зад вас“,
рече тој.
Со оглед на дебата и предлогот од ВМРО-ДПМНЕ уставни измени да се направат според хрватскиот модел, хрватскиот премиер одговараше и на новинарски прашања поврзани со тоа, па рече дека партиите треба да најдат модел што е својствен за Северна Македонија.
„Што се однесува на моделот, без разлика што се спомена овде хрватскиот модел, јас ќе ги споменам политичките партии и институции на РСМ, апелирам да се најдат решенија кои ќе бидат својствени за вашата земја. Во однос на подготвеноста на македонската влада да се вклучи и хрватското малцинство во ставот, ние и тоа како го поддржуваме тоа. Сметаме дека засилувањето и поддршката кон нашите малцинства, негувањето на идентитетот може само да придонесат кон соработката и пријателството на двете држави“,
рече Пленковиќ.