Документите што беа потпишани се во насока на натамошно приближување на двете држави, економии и народи, а кои произлегуваат од потпишаните договори за Отворен Балкан

Во присуство на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, и премиерот Димитар Ковачевски денеска во Белград се потпишани три меморандуми за разбирање кои се очекува да ја подобрат соработката меѓу владите на двете земји. Документите што беа потпишани се во насока на натамошно приближување на двете држави, економии и народи, а кои произлегуваат од потпишаните договори за Отворен Балкан.
Ресорните министри од двете држави потпишаа Меморандум за разбирање за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница, Меморандум за разбирање – проект за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина и Меморандум за соработка во рударството и енергетиката.
Меморандумот потпишан помеѓу министрите за внатрешни работи на двете земји се однесува на олеснување и забрзување на протокот на патници и возила на граничниот премин Табановце-Прешево.
„Свесни за високото ниво на фреквенција на патнички возила што се создава на овој граничен премин, тимови на министерствата за внатрешни работи, ИТ-секторите и граничните полиции, царинските управи како и министерствата за транспорт и врски од двете земји работеа неколку месеци на изнаоѓање решенија. Дефинирани се повеќе типови мерки со чија имплементација ќе се унапреди, олесни и забрза протокот на патници и возила. Мерките се однесуваат пред се на теренската инфраструктура и на моделот на заедничко гранично управување“,
се наведува во соопштението од владината прес служба.
Вториот меморандум што беше потпишан во Белград, е за проект за вмрежување на системите за електронска наплата на патарините.
„Со потпишувањето на меморандумот, наскоро сите граѓани на Србија со ТАГ инсталиран уред ќе можат да поминуваат на патарините низ Северна Македонија без да застануваат, а истиот ќе важи и за граѓаните на нашата држава кога патуваат низ Србија“,
се додава во соопштението.
Третиот потпишан меморандум се однесува на соработка во областа на рударството и енергетиката.
„Со овој меморандум двете држави се обврзуваат да спроведуваат активности за развој на соработка и деловни односи во областа на рударството и енергијата во согласност со националното законодавство на нивните земји и принципите на меѓусебно почитување и уважување, особено користејќи ги придобивките од меѓусебните односи кои произлегуваат од меморандумот потпишан во рамките на иницијативата ‘Отворен Балкан’“,
се наведува во информацијата од Владата.