Медицинските сестри од мартовската плата ќе добијат покачување по три илјади денари, додека останатите вработените во болниците по две илјади денари

Синдикатите од здравство кои неколку часа пред најавениот протест беа на средба во Министерството за здравство постигнаа договор. Од мартовската плата вработените во здравствените институции ќе добиваат повеќе пари.
„Се договоривме. По три илјади денари за сите сестри и по две илјади денари за сите останати од помошно-технички персонал, администрација, доктори, сите вработени во здравството да имаат бруто-покачување со мартовската плата“,
изјави Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клинички центар.
Неговата изјава следува по состанокот со министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој рече дека информацијата треба да излезат и да ја потврдат и од Министерството.
Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски, кој исто така беше на состанокот, рече дека со притисок се успеало да се дојде до изнудување на потпишување на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност.
„Очекуваме дека денешниот договор во најкраток период, во тек на наредната недела, ќе биде и официјализиран со потпишување“,
рече Каранфиловски.
Тој нагласи дека со непотпишување на анексот 11 илјади вработени во здравството ќе се доведеле во ситуација да бидат изедначени со минималната плата.
Членовите на овие два синдикати, поради одолговлекување на потпишувањето, денеска напладне одржаа и протест пред Министерството за здравство. Во пресрет на протестот, тие утрово беа повикани и го одржаа состанокот со министерот на кој падна договор за потпишување на анексот.