Филипче нагласи дека на нашата земја и е одобрен пристап до Европскиот солидарен фонд, така што заедно со сите европски земји ќе учествуваме во набавките на потребните опрема и материјали за справување со епидемијата
Нова веб-страница со сите информации, статистики и контакти со институции во врска со коронавирусот промовира денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека на страницата koronavirus.gov.mk може да се најдат сите информации поврзани со епидемијата, како за симптомите, правилната самоизолација, тестирањето, но и информации што се однесуваат на други надлежни институции, како МВР, Министерството за труд и социјална политика.Се објавуваат и информации за мерките на владата, вклучително со мерките за справување со економските последици од коронавирусот. На страницата има и контакти за психолошка поддршка. Тука ќе се пласираат и сите дневни вести поврзани со коронавирусот.
Во следните денови, како што рече Филипче, ќе биде ставена во функција монтажната болница. Досега капацитетот на Инфективната клиника е искористен 50 проценти. До денеска таму се хоспитализирани 64 пациенти, во последните 24 часа се примени шест нови заболени, а осум пациенти се со потешка клиничка слика. Сепак, рече Филипче, сметаме дека сега е погоден момент да ги удвоиме капацитетите.
„Тука е центарот на експертизата на специјалисти по инфективна медицина, епидемиолози и медицински сестри, поддржани од лекари од другите клиники, кои сега работат со редуциран капацитет, со цел, доколку е потребно, да им помогнат на своите колеги на Инфективната клиника. Тие ротации веќе се спроведуваат. На повеќе клиники се спроведе едукација преку Светската здравствена организација, а во однос на пристапот кон пациенти заболени од ковид-19“,
рече Филипче.
Во однос на донациите, Филипче нагласи дека на нашата земја и е одобрен пристап до Европскиот солидарен фонд, така што заедно со сите европски земји ќе учествуваме во набавките на потребните опрема и материјали за справивање со коронавирусот. Со тоа се изедначуваме со земјите од ЕУ, рече Филипче, нагласувајќи дека тоа е огромна придобивка. Министерот ја спомна и донацијата од Холандија, за што рече дека станува збор за лабараторија со која се удвојуваат капацитетите на лабаторијата во Институтот за јавно здравје.