Апелацискиот судија, кој кариерата сакаше да ја продолжи во Врховниот суд, ја доби поддршката од четворица членови на Судскиот совет, додека осуммина гласаа „против“ тој да биде избран за судија во највисокиот суд во државата. Но, идентично како и Беџети, недоволен број гласови добиле и преостанатите четворица кандидати поради што на денешната седница не беа избрани нови судии за кривичниот оддел во Врховниот суд
Интересно е тоа што, како и во случајот со Беџети, односот на гласови „за“ и „против“ бил идентичен и кај преостанатите кандидати, односно четири спрема осум. Единствено кандидатката за врховен судија Данка Ристова добила шест гласа „за“ и шест гласа „против“, што е исто така недоволно, бидејќи според Законот за судиите потребна е поддршката на најмалку осум члена на Судскиот совет со право на глас
Судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, кој се најде во фокусот на заклучоците на Судскиот совет поради долгото „чување во фиока“ на случајот „Таргет-Тврдина“ во второстепената постапка, денеска не го доби потребниот број гласови од членовите на Советот за да биде избран за врховен судија.
Беџети беше еден од петтемина кандидати пријавени на огласот за избор на судија во кривичниот оддел на Врховниот суд, кои се најдоа на гласање на денешната 436. седница на Судскиот совет.
Апелацискиот судија, кој кариерата сакаше да ја продолжи во Врховниот суд, ја доби поддршката од четворица членови на Судскиот совет, додека осуммина гласаа „против“ тој да биде избран за судија во највисокиот суд во државата.
Но, идентично како и Беџети, недоволен број гласови добиле и останатите четворица кандидати, поради што на денешната седница не беа избрани нови судии за кривичниот оддел во Врховниот суд.
Интересно е тоа што како и во случајот со Беџети, односот на гласови „за“ и „против“ бил идентичен и кај преостанатите кандидати, односно четири спрема осум. Единствено кандидатката за врховен судија Данка Ристова добила шест гласа „за“ и шест гласа „против“, што е исто така недоволно, бидејќи според Законот за судиите потребна е поддршката на најмалку осум члена на Судскиот совет со право на глас.
Инаку, судијата Енвер Беџети стана познат во јавноста откако Апелацискиот суд кон крајот на минатата година донесе одлука со која ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, со која ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затвор и предметот го врати на повторно судење.
За одлуката на Апелација за „Таргет-Тврдина“ се чекаше повеќе од девет месеци, колку што имаше поминато од изрекувањето на првостепената пресуда до објавувањето на одлуката на Апелацискиот суд Скопје за нејзино укинување. Првостепената пресуда Основниот кривичен суд Скопје ја изрече на 26 февруари 2021 година. Јавна седница во Апелација за жалбите се одржа во март 2022 година, а одлуката второстепениот суд ја донесе на 5 декември лани, но ја обзнани во јавноста дури 11 дена подоцна, односно на 16 декември.
Сите овие околности предизвикаа жестоки реакции кај обичната, но и кај стручната јавност, поради што Судскиот совет оформи работна група која изврши вонредна контрола во Апелацискиот суд. Освен „Таргет-Тврдина“, предмет на контрола беа и предметите „Трезор“, „Транспортер“ и случајот „Алфа“ за убиството на полицаецот кај Природно-математичкиот факултет (ПМФ).
Заклучоците од контролата беа презентирани на седница на Судскиот совет на 11 јануари и според нив Апелацискиот суд во Скопје неразумно долго, без да наведе причини ги чувал предметите.
Најголеми критики, според презентираното тогаш, имаше токму кон судијата што беше известител на „Таргет-Тврдина“, Енвер Беџети, бидејќи, како што беше посочено, во негова надлежност е динамиката на движење на предметот, посебно по одржувањето на јавната седница. За ваквиот случај, од него била побарана изјава, во која тој навел неколку причини, меѓу кои големиот број предмети што му биле доделени за работа. Судскиот совет констатира дека тоа е неспорно, но забележа дека истиот судија решавал, на пример, во предмети кои биле со понов датум од „Таргет-Тврдина“.
За разлика од кривичниот оддел на Врховниот суд за кој денеска не беше избран ниту еден судија, за нови судијки во граѓанското одделение на највисокиот суд во државата, Судскиот совет ги избра Анита Бошковска и Катерина Георгиевска. Тие се избрани со 10 гласа „за“ и два „против“.
На денешната седница се избираа и судии во Апелацискиот суд Гостивар. Според гласењето на Судскиот совет, таму судии станаа Даут Рустеми и Александар Милошевски.
Рустеми, кој доаѓа од Основниот суд Гостивар, беше избран со девет гласа „за“ и три „против“, додека Милошески, кој е судија во Основниот кривичен суд Скопје, за судија во Апелацискиот суд Гостивар е избран со 10 гласа „за“, а двајца членови на Судскиот совет со право на глас гласале „против“.
Сепак, интересно за изборот на Рустеми и Милошески е тоа што според рангирањето, двајцата не беа меѓу првите тројца рангирани на конкурсот.
Имено, Рустеми беше петторангиран, додека судијата од Основниот кривичен суд Скопје на ранг-листата беше едно место погоре. Сепак, тие беа избрани затоа што тројцата прворангирани не го добија потребниот број гласови од членовите на Судскиот совет со право на глас.
На денешната седница исто така и судијата Хасан Асани доби нов мандат за претседател на Основниот суд Тетово, односно беше реизбран на оваа функција.
Иако на огласот за избор беа пријавени тројца кандидати, само судијата Асани имал доставено комплетна документација. За неговиот избор за претседател на тетовскиот Основен суд, „за“ гласаа деветмина членови на Судскиот совет, а тројца беа „против“.
За претседател на овој суд Судскиот совет требаше да одлучува на седница што се одржа на крајот на минатата година, кога се избираа претседатели на Основниот кривичен суд во Скопје и Основните судови во Ресен и Виница. Но, изборот на претседател на Основниот суд во Тетово тогаш беше тргнат од дневен ред бидејќи, како што беше кажано, сè уште не бил готов извештајот од редовната контрола на овој суд од страна на Советот.