Премиерот не сакаше да даде директен одговор на поставеното прашање и наместо тоа се повика на институциите кои досега не нашле никаков проблем во тендерската постапка и на важноста на изградбата на автопатите
„360 степени“ објави дека компанијата „Електра солушнс“, која на тендерот за надзорот пријавила 32 перманентно вработени, во годишната сметка за 2022 година пријавила дека имала само двајца вработени. Во одговорот до „360 степени“, фирмата достави список на 32 вработени од 20 октомври 2022 година, иако најголемиот број од лицата се ангажирани без огласување во „дополнително работно време над 40 часа“
Дали и натаму сметате дека договорот за надзорот над „Бехтел и Енка“ не треба да биде раскинат? Ова е прашањето што „360 степени“ денеска му го постави на премиерот Димитар Ковачевски, во контекст за континуираните написи во дел од медиумите за можни неправилности при јавната набавка.
Попрецизно, истото прашање го поставивме повеќе од еднаш во обид да добиеме директен одговор.
При првиот обид, премиерот изјави:
„Значи, јас кажав дека и тој договор и договорот со „Бехтел и Енка“ се склучени врз основа на законската регулативна во државата, почитувајќи ги сите процедури за избор на изведувачи и за избор на компании коишто го прават тоа. Во тоа биле вклучени сите институции што се задолжени за таа работа“,
изјави, меѓу другото, премиерот Димитар Ковачевски.
Во продолжение на одговорот Ковачевски ги спомена институциите што досега имаа допир со тендерот за надзорот и институциите што допрва ќе се занимаваат со прашањето – како Државната комисија за спречување на корупцијата.
Бидејќи тоа не беше директен одговор, пак го поставивме истото прашање.

„Значи, проектот што го работи „Бехтел и Енка“ е најголемиот проект во историјата на оваа држава. Поголем проект немало. 1,3 милијарда евра инфраструктура која ние досега сме ја немале, Коридорот 8 и Коридорот 10-д. И овој проект треба да продолжи и треба да заврши во рокот што е предвиден…“,
одговори премиерот Ковачевски на нашиот втор обид да добиеме директен одговор на прашањето.
Премиерот продолжи да одговара на прашањето со редење на бенефитите од изградба на автопатските делници. Откако го заврши одговорот, поставивме ново прашање – како ги коментира последните сознанија што синоќа ги објави „360 степени“ – дека една од фирмите што го доби надзорот, во тендерот декларирала 32 перманентно вработени, а во годишната сметка за 2022 година стои дека во просек имала само двајца вработени.
Премиерот се обиде да објасни дека за сите детали околу тендерот за надзор веќе имало брифинг во Министерството за транспорт и врски и дека ако треба ќе има пак.
На уште наше дополнително прашање – дека дел од експертите што треба да работат надзор над „Бехтел и Енка“ се обврзани да работат и на други градежни проекти, кои би можеле да почнат со реализација истовремено, премиерот кажа:
„Тоа единствено може да се види низ тендерската документација, условите кои биле поставени, лиценците што треба да ги поседуваат тие експерти што ги споменувате и ефективните работни часови на кои треба да бидат располагање, и тоа е прашање на кое единствено може да ви одговорат комисијата и Јавното претпријатие за државни патишта“,
изјави Ковачевски.
Неколку часа по овие изјави на премиерот Димитар Ковачевски, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција објави дека отворило предмет за тендерот за надзор на „Бехтел и Енка“.