Германија вчера соопшти дека и таа ја испратила првата пратка од тенковите „леопард 2“ за Украина. Станува збор за пратка од 18 борбени тенкa за кои украинскиот воен персонал беше обучуван изминатиот период

Првите британски тенкови „челинџер“ пристигнаа во Украина за да помогнат во спротивставувањето на руската инвазија, соопшти синоќа украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.
Резников кажа дека во украинските единици веќе се распоредени британски „челинџер“, американските „страјкер“ и „пума“ и германските „мардери“. Министерот на својата фејсбук-страница објави фотографии од овие борбени возила, без да прецизира кога точно пристигнале.
Портпаролката на украинското министерство Ирина Золотар за француските медиуми потврди дека тенковите „челинџер“ веќе се пристигнати во Украина, без да го прецизира нивниот точен број.
За да може да управуваат со британските тенкови, украинските војници имаа обука во Обединетото Кралство. Нивната обука почна веднаш по објавувањето на испораката на овие тенкови од страна на Обединетото Кралство на почетокот на јануари.
Од Лондон претходно беше споменато дека испораката ќе се случи во март, но не беше прецизиран конкретен датум.
Германија вчера соопшти дека и таа ја испратила првата пратка од тенковите „леопард 2“ за Украина. Станува збор за пратка од 18 борбени тенка за кои украинскиот воен персонал изминатиот период, исто така, беше обучуван. Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, рече дека е сигурен оти тенковите може да дадат одлучувачки придонес на првите борбени линии.
Германија официјално се согласи да испрати тенкови во јануари годинава, а кон средината на февруари даде конкретен период кога ќе ги испорача. Тогаш министерот рече дека не успеале да обезбедат цел баталјон туку половина, односно дека ќе испратат околу 15 тенка.
Станува збор за воени возила кои се од германско производство, а ги има во повеќе од 10 војски во земјите членки на НАТО. Украина изминатиот период постојано бараше помош од помодерни возила и системи за оружје за да ѝ се спротивстави на руската инвазија. Според ветувањата што ги доби, земјата треба во наредните месеци да добие најмалку 100 „леопард 1“ – постар, но обновен модел.