Ние за себе никогаш не би ни помислиле, а не, пак, да речеме дека сме Запад. Но, оваа сторија е показател за тоа колку сè зависи од перспективата од која ѝ се пристапува на одредена тема. Стотина млади Пакистанци и Таџикистанци студираат на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, како што велат, живеејќи го својот сон да бидат на Запад, во Европа или Америка. Еден ден со нив помина и нашата екипа
Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово е образовна средина за стотина студенти од Пакистан и Таџикистан. Во еднодневна посета на универзитетскиот кампус имавме можност да запознаеме неколкумина. Од Азија се дојдени во Тетово преку стипендиска програма на фондацијата „Шамс“ од Америка. Дел студираат природно-математички науки, дел бизнис и менаџмент, а малкумина јазици и книжевност.
„Ова е одлична можност за мене како девојка што доаѓа од навистина заостаната област. Се соочуваме со многу потешкотии, но, сепак, добив шанса да комуницирам со луѓе на меѓународно ниво, така што, ова е одлично и ќе биде големо искуство за мене“,
вели таа.
Саима не се плаши да си поставува високи цели.
„Нема да ми биде тешко да останам тука, но, според моите цели, ако добијам шанса во друга држава, мислам дека ќе се преселам оттука.
360°: Зошто?
Бидејќи моите планови за во иднина се да се приклучам на компанија како ‘Гугл’. За мене тоа е работа од соништата, па ако добијам шанса, дефинитивно ќе треба да се преселам оттука“,
ни раскажа Саима.

Артур, пак, е малку поискусен зашто студира втора година на истата насока. Вели дека веќе стекнал многубројни пријателства.
„Навистина добро се снаоѓаме. Сè оди добро. Имаме нови познаници, со многу луѓе лично се запознав и многу други нови работи ми се случија и уште ми се случуваат од моментот кога пристигнав“,
ни раскажа тој.
Нов му е и македонскиот јазик, на кој знае да се поздрави, да се претстави и да каже пријатно.

Студентите од Пакистан и од Таџикистан живеат во универзитетскиот кампус. Освен нив, традиционално, странски студенти има и од регионот, претежно од Албанија, Косово и Србија. Поделени се во машка и женска зграда. Животот со цимери е позабавниот дел од студирањето.
„Навистина се чувствувам добро бидејќи ова е огромно искуство за мене, да одам во странство и да се експонирам. Европа за мене е сон од детство, навистина сакав да одам, Европа или Америка, каде било на Запад, бидејќи слушав дека на Запад има убав живот и добар начин на живот. Сакав да искусам и тоа и го правам. Се чувствувам како да го живеам мојот сон во моментов“,
вели Рина Али од Пакистан.

Во кампусот секој има цимер. Заедно се чисти, се готви и се пазари. И прозорците се типично студентски.
„Јогурт, кечап, мајонез.
360°: Што ти е омилена локална храна?
Сакам многу од храната овде, пилешки врап, хамбургер, чикенбургер, пица, сè.
360°: Брза храна.
Да“,
вели Рина.

Студентското искуство подразбира и голема дружба, заеднички прослави на празници, запознавање со традиции и музика.

Студентите од Пакистан и Таџикистан не се тука по случаен избор, вели проректорката на Универзитетот, Беса Арифи. Кандидатите поминале строга селекција, а ги стипендира фондација зад која стојат филантропи кои потекнуваат од азиските краишта. Арифи вели дека оние што претходно емигрирале во западните држави сега подаваат рака на млади со потенцијал.
„Сите сме биле студенти, знаеме како е да учиш на друго место, секогаш се радувавме на викендите и одморите за да си одиме дома, а тие ја немаат таа можност. Но, ова им помага да се интегрираат уште повеќе овде во учењето јазик и максимално да го искористат своето време за учење и да работат на нивната понатамошна кариера уште во рана фаза“,
вели Беса Арифи – проректорка за истражување и меѓународна соработка на УИЈЕ.
Оваа програма е од 2019 година, но Универзитетот отсекогаш бил отворен за меѓународна соработка, вели Арифи. Со инвестицијата во културна разноликост искуствено расте и академскиот кадар и заедницата, вели таа. Државата, пак, дала своја помош околу процедурата со визите, а и таа може да добие многу.
„Што може државата да научи, мислам дека може да научи дека културните размени се секогаш добра работа, отсекогаш сум имала теза дека е подобро да се поддржуваат не само промените, туку и шаренилото на едно општество, односно шареноликоста на различни луѓе и дека можеме да живееме заедно и да придонесуваме заедно во едно општество. Овие студенти се дојдени во УИЈЕ за да се едуцират и да добијат можности за подобар живот, со валидна диплома од меѓународен аспект. Што ќе направи државата за да го искористи овој капацитет што го зголемуваме, е нешто друго што зависи од стратегиите што треба да ги имаат државата и државните институции за развој во оваа насока“,
додава таа.

А, студентскиот живот не е само универзитетски кампус. Рина често пешачи и вози велосипед низ Тетово. Иако е далеку од дома, опкружувањето ја потсетува на родниот крај.
„Тетово личи малку на моето село, бидејќи исто, имаме планини, само што овие се позелени. Освен овие убави планини, она што ми се допаѓа во градот е што инфраструктурата е добра. Ние немаме толку добра инфраструктура во Пакистан. Особено во моето село, ние немаме добри услови на патиштата, но овие патишта се добри. И зградите се добри. А, најголема разлика, како што споменав, е јазикот. Ако се навратиме на Пакистан, таму има инфлација и ако им го пратам џепарлакот таму, ќе бидат богати и тоа е разлика. Трошоците за живот тука се многу подобри, споредено со Пакистан“,
вели студентката Рина.

Надвор од кампусот, се пазарат различни работи. Мајсторот Реси Гафури вели дека ниту студентите од Пакистан и Таџикистан не можат да одолеат на бурекот што тој го подготвува на сач.
„Доаѓаат, културни се луѓето, паметни, млади и така… Често доаѓаат, ги нема многу, ама, колку-толку, има“,
ни кажа Гафури.

Тетово не е мал град, па студентите користат и такси.
„Како впечаток ви оставија како студенти, како странци? Колку чини – толку. Повели и ништо понатаму немало што да зборуваме“,
ни кажа еден од локалните таксисти.

Сè уште е рано да се каже колку од овие студенти среќата или судбината ќе ги остави во Македонија.
„Јас сум во процес на растење, расте мојата личност. Мојата порака, особено до девојките во Пакистан, бидејќи во моето село немаат многу можности, сакам да им порачам дека ние можеме. Ако јас можам, можат и тие. Сакам да им порачам на младите девојки од моето село, од регионот и државата: чекајте шанса и кога ќе чукне на врата, бидете таму. Зграпчете ја шансата и полетајте. Полeтајте во Македонија“,
порачува Рина Али, студентка на УИЈЕ од Пакистан.
