Наградата за известување за теми од локално и регионално значење заврши во рацете на новинарот Аднан Ѓаири од Алсат-М ТВ, додека наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ ја доби Драган Ѓорговски

По наградата „Никола Младенов“ на Македонскиот институт за медиуми за најдобра истражувачка сторија во 2022 година за документарецот „Нечиста крв“, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби и наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребала“, која ја доделува Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Во конкуренција биле 17 стории.

Наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење – категорија за која конкурирале 18 стории, му припадна на Аднан Ќаири од ТВ Алсат-М.

Наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ ја доби Драган Ѓорговски, а во конкуренција биле вкупно седуммина.
Посебни признанија за истражувачко новинарство им беа доделени и на новинарите Фросина Димеска, Ирена Мулачка, Мартин Пушевски и Петар Клинчарски, а плакета доби Кристина Атовска.
Претседателот на Здружението на новинарите, Младен Чадиковски, истакна дека големиот број пријавени кандидати на конкурсот е показател дека сè уште има многу стории и приказни кои чекаат да бидат објавени и раскажани.

„Живееме во општество каде политичарите се прават ѕвезди и заради тоа забораваме дека тие не се само тука присутни и дека нашата земја има многу повеќе што да понуди, а граѓаните имаат право да ги знаат тие приказни. Голема одговорност е да се информираат граѓаните, а уште поголема да се биде во нивна служба“,
рече Чадиковски.
Ние сме креатори на јавното мислење, додаде тој, потенцирајќи дека новинарите треба да копаат подлабоко и да го најдат изворот на приказната и да продолжат да објавуваат и да работат сè додека не се најде решение за тоа.
Претседателка на Комисијата за доделување на наградата за најдобра истражувачка сторија беше минатогодишната добитничка на наградата Соња Колевска-Делевска, а членови беа Среќко Поповски и Ријад Мурати.