Истакнувајќи ги придобивките од членството на Северна Македонија во Алијансата, шефот на дипломатијата во своето обраќање на традиционалниот „НАТО појадок“ во својство на домаќин нагласи дека нашето членство е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици. Во тој контекст, Османи истакна дека регионот е особено изложен на стратегиска конкуренција и на малигно влијание на трети страни кои се обидуваат да ги искористат слабостите и недовршената евроатлантска интеграција за да ги остварат своите стратегиски интереси
Членството во НАТО е историски успех и најзначајно надворешнополитичко постигнување за С Македонија, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој денеска беше домаќин на традиционалниот „НАТО појадок“, а во рамките на одбележувањето на тригодишнината од зачленувањето на земјава во Северноатлантската алијанса.

На појадокот, покрај Османи и премиерот Димитар Ковачевски, присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
„Денес во присуство на нашите сојузници и партнери одбележуваме три години од членството на Северна Македонија во Алијансата, додека на 4 април ќе ја чествуваме 74-годишнината од основањето на Организацијата на Северноатлантскиот договор или Денот на НАТО. Со тоа ја продолжуваме традицијата, секоја година од 27 март до 4 април да се одржуваат Денови на НАТО посветени на заедничките успеси и постигнувања, но и предизвиците со кои сојузниците и Алијансата се соочувале низ годината“,
нагласи шефот на дипломатијата Османи.
Истакнувајќи ги придобивките од членството на Северна Македонија во Алијансата, шефот на дипломатијата нагласи дека нашето членство е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици.

Во тој контекст, Османи истакна дека регионот е особено изложен на стратегиска конкуренција и на малигно влијание на трети страни кои се обидуваат да ги искористат слабостите и недовршената евроатлантска интеграција за да ги остварат своите стратегиски интереси.
„Решението се наоѓа во засилени демократски реформи со цел да се зајакне отпорноста , но и во засилена и координирана соработка на НАТО и ЕУ во заокружувањето нa евроатлантската интеграција на регионот и комплетирањето на демократската трансформација“,
посочи министерот за надворешни работи.
Премиерот Димитар Ковачевски, како што се наведува во соопштението на МНР, во своето обраќање се осврна на странските директни инвестиции кои лани беа во висина од 753,8 милиони евра, или двојно повеќе во однос на 2016 година, како и отворањето на над 10 000 работни места технолошко-индустриските развојни зони.
Овие инвестиции, посочи премиерот, се дел од придобивките на НАТО-членството, со што, според Ковачевски, Република Северна Македонија не е повеќе земја на евтина работна сила.

„Со членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија, со концептот за еднакво општество дома, со храбрите, но и државнички одлуки со коишто ги заштитивме идентитетските одредници и националниот идентитет, со функционалните политики на дијалог и разбирање, Република Северна Македонија денес е фактор на стабилноста на Западен Балкан. А јасно е дека евроатлантската ориентација на регионот е потребна и во функција на европските мир и стабилност и во насока на просперитетот“,
нагласи премиерот.
Обраќање како специјален гостин имаше и амбасадорката на Украина, Лариса Дир, која изрази благодарност за помошта што земјава ја обезбедува за Украина.
Помошта, нагласи таа, е од витално значење за украинските бранители, кои по цена на сопствениот живот ја бранат и Украина и демократските вредности.