На одбележувањето на годишнината, дел од воените инвалиди од 2001 година потсетија дека 15 семејства на загинати бранители и триесетина полесно ранети сè уште не се обесштетени од државата
Денеска со положување цвеќе пред „Споменикот на бранителите“ во паркот „Жена борец“ во Скопје беше одбележана 22-годишнината од настаните кај тетовското Кале и им беше оддадена почит на бранителите кои учествуваа во вооружените борби на Калето за време на воениот конфликт во 2001 година.
Делегацијата на Владата беше предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и советникот за одбрана на премиерот, Драган Василевски.

На одбележувањето на 22-годишнината од настаните кај тетовско Кале, пред „Споменикот на бранителите“ присуствуваа, оддадоа почит и положија цвеќе повеќе високи делегации, меѓу кои делегација од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, припадници на Армијата и полицијата, претставници на бранителите, нивните пријатели и членови на семејствата.
На одбележувањето на годишнината, дел од воените инвалиди од 2001 година потсетија дека 15 семејства на загинати бранители и триесетина полесно ранети сè уште не се обесштетени од државата, која, како што рекоа дел од нив, сосема ги заборавила.
„Нас воените инвалиди власта не сака да нè обесштети. Поранешниот премиер или министер за внатрешни работи се поклонува пред споменикот на загинатите бранители, а имиња на 15 полицајци се испишани кои не се обесштетени“,
изјави Ацо Стојановски, воен ивалид од 2001 година, кој не е обесштетен, пренесува ТВ Телма.

Настанот беше во организација на партијата Достоинство на Стојанче Ангелов, кој исто така укажа на овој проблем.
„Петнаесетина семејства на загинати бранители, како и на триесетина полесно ранети бранители, до ден денешен сè уште се необесштетени“,
рече Ангелов.

Пратеникот и поранешен армиски офицер Драган Ковачки, кој ја предводеше делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за медиумите рече дека се готови законските измени подготвени од партијата за обесштетување на семејствата на загинатите и ранетите бранители кои сè уште не се обесштетени и дека претстојната недела треба да се најдат пред Собранието.
„Очекувам широк консензус по ова прашање, очекувам поддршка од СДС“,
рече Ковачки.

На денешен ден пред 22 години почна акцијата на македонските безбедносни сили за истиснување на припадниците на ОНА од тетовското Кале, стратешка позиција од каде што две недели ги напаѓаа позициите на полицијата во Тетово и околните населби.
