„Со денешната партиска трибина на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш на јавна сцена ја видовме штетата која оваа партија ѝ ја нанесе на дипломатијата преку партизацијата на Министерството токму за време на министерувањето на лицата од трибината“, се наведува во реакцијата на МНР на денешната панел-дискусија на тема „Алармантните состојби во македонската дипломатија“, организирана од ВМРО-ДПМНЕ
Министерството за надворешни работи се соочува со сериозни системски недостатоци кои се резултат на долгогодишното нестручно работење и длабоко партизираниот пристап во водењето на институцијата во времето кога со МНР раководеа министри од ВМРО-ДПМНЕ, одговорија од МНР на критиките и обвинувањата за состојбите во институцијата, кои денеска беа упатени од панел-дискусијата на тема „Алармантните состојби во македонската дипломатија“ организирана од најголемата опозициска партија.

„Со денешната партиска трибина на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш на јавна сцена ја видовме штетата која оваа партија ѝ ја нанесе на дипломатијата преку партизацијата на Министерството токму за време на министерувањето на лицата од трибината“,
се наведува во реакцијата на МНР.
Оттаму велат дека изминативе години во работењето на инситуцијата по првпат не важно партиското убедување на дипломатите кои, како што се посочува, со децении политичките партии ги делеле на наши и ваши.
Во перидот кога кадри на ВМРО-ДПМНЕ го воделе Министерството, велат од МНР, за први луѓе по амбасадите биле праќани слаткари со кои тешко може да се изгради непристрасна и објективна професионална работа на дипломатите.
Во реакцијата, Министерството за надворешни работи посебно се осврнува на изјавите на амбасадорот и претседател на Македонскиот дипломатски синдикат, Зоран Дабиќ, кој на денешната трибина зборуваше за вработувања и унапредувања на партиски кадри во изминатите седум-осум години.
Од МНР велат дека Дабиќ целосно ги напуштил принципите на дипломатијата и уште повеќе оние на синдикалното здружување, постапувајќи строго според партиски амбиции.
„Од почетокот на мандатот на актуелниот министер, вработувањата, унапредувањата и испраќање на мисии се врши преку интерни огласи, согласно законските процедури, а овие активности се вршат според мерит-системот, почитувајќи го и принципот на етничка и родова дистрибуција. Секој вработен имал и има можност покрај секојдневните обврски во Министерството, да биде вклучен во бројните работни групи и проекти изминатите две и пол години, неврзано за партиски, етнички или било какви други поделби, за што можат да посведочат самите вработени“,
се посочува во реакцијата.
За гостувањето на Дабиќ на денешната трибина се вели дека тоа се случува само неколку дена по неговото заминување во пензија и не во стручна и објективна дебата, туку на партиски собир од каде што е малку веројатно дека ќе се добие објективна слика за дипломатијата на Северна Македонија.
„Со ова, тој само потврди дека неговото делување како претстедател на еден од синдикатите во МНР било мотивирано само од партиски и политички цели, а не од професионални и дека целта на тоа делување не било подобрување на условите за вработените во МНР, туку негова лична промоција и себичен интерес, како и спроведување на интересите на политичката партија на која очигледно ѝ припаѓа“,
велат од Министерството за надворешни работи.
Министерството, се истакнува во соопштението, дополнително ќе достави детали до јавноста за работата на куќата во времето кога со МНР раководеле кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во меѓувреме, апелираме Дабиќ да престане да се занимава со институцијата која беше системски уништена токму во времето на партијата со која денес јавно дебатираше. Синдикалното работење не подразбира да се добијат партиски насоки надвор од куќата“,
се заклучува во реакцијата.
