Опозициската партија одговарајќи на иницијативата на ДУИ за „Фронт за Европа“ го повтори ставот дека нејзините пратеници нема да гласаат за уставни измени.
„Тезите се слаби како и нивното владеење“, порачаа денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Досадни се и неинвентивни одамна. Тезите им се како владеењето, слаби, потпросечни, со дупки. Но затоа, пак, истовремено се и арогантни, исто како и лоповлукот што го демонстрираат. Доста јавноста ја замајуваат со истите финти од типот дали Алијанса влегува во Владата и сега кој има пратеници за уставни измени. Во меѓувреме умира 6-годишно девојче, а тие заташкуваат истрага кој е виновен, Стејт департмент ги прогласи за корумпирани, крах се случува во секоја сфера. Мафијашки пресметки, како див запад станавме“,
изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес конференција.

Тој побара владејачкото мнозинство да престане, како што рече, да замајува со тоа дали пратеници од овде или онде ќе гласаат за промена на Уставот.
„Еве да ја затвориме темата, нека стават на гласање и во еден ден ќе се види сè, кој има пратеници и колку пратеници поддржуваат одредена идеја. На народот му е преку глава од вакви нивни превирања и надмудрувања и затоа сметам дека е потребна работа и решавање на проблеми, а не измислување и замајување јавност“,
вели Стојановски.
Вчера заседаваше Централното претседателство на ДУИ, кое дебатираше за креирањето на „Фронтот за Европа“.
