Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа најавувa дека е можно носење решение во врска со регистарските таблички на возилата кое нема да претставува финансиско оптоварување на граѓаните.
Тој укажува дека оваа обврска произлегува од Преспанскиот договор, но дека е во тек дебата за начинот на кој ќе биде спроведена, со оглед на бројните реакции дека обновувањето би ги чинело граѓаните вкупно 11 милиони евра. Вели дека се размислува и за друг, поевтин начин, односно за ставање налепници врз постоечките таблици.
„Имаме ние формирано веќе работна група во МВР којашто работи токму на овој аспект бидејќи разговаравме и со министерот за транспорт и врски, имаме комуникација преку МТПС со „Макамтранс“ затоа што промената подразбира и промена во документацијата, дозволите и т.н и за мене е најважно што може да се помогне за сите. Знаеме дека обврската е до наредната година да бидат променети табличките како што впрочем е и со документите и ние мислам дека за многу кратко време ќе имаме решение коешто би било поволно за граѓаните. Јас така барем се надевам и очекувам со тоа што од друга страна ќе мора да се стават и норми на строги казни за сите оние коишто нема да го почитуваат тоа како решение. Мора да направиме комбинација којашто ќе биде од интерес на граѓаните меѓутоа и да имаме сериозна одговорност. Така што, налепниците се една од опциите, меѓутоа кога ќе се донесе одлуката и решението ќе ги соопштиме на граѓаните. Секако дека нас ни е најважно да бидат задоволни граѓаните“,
вели министерот Спасовски во интервјуто за Радио Слободна Европа.
